Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов соопшти дека се злоупотребува Претседателот на Република Македонија и ги негира изнесените наводи во службената белешка на УБК, наведувајќи дека не е побарана, ниту одржана средба со Кирил Божиновски, ниту со негов посредник. Негира и дека е остварена средба со посредник на Миле Јанакиески.

– Кабинетот на Претседателот на Република Македонија e згрозен од содржината на јавно објавеното решение за притвор на лицето Кирил Божиновски, каде се цитира идентична службена белешка на УБК, како и во случајот на Миле Јанакиески. На идентичен начин се злоупотребува Претседателот на Република Македонија. Единствената разлика во содржината на цитираната белешка е што во првиот случај се посочува на остварена средба со посредник на Миле Јанакиески, а во вториот на средба со посредник на Кирил Божиновски. Кабинетотот на Претседателот на Република Македонија јавно прашува дали сè уште незаконското следење на комуникации се прикрива со користење на измислени извори?- стои во реакцијата.

Кабинетот на Иванов  ги повика Министерството за внатрешни работи и Управата за безбедност и контраразузнавање да одговорат врз основа на што се следат активностите на Претседателот на Република Македонија и неговиот Кабинет, од страна на УБК. Врз основа на ова, пишува понатаму во соопштението, „ги повикуваме собраниската Комисија за надзор над работата на УБК, Советот на јавни обвинители, Судскиот совет и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да утврдат одговорност за целиот случај и да го известат Претседателот на Република Македонија“.

-Кабинетот на Претседателот на Република Македонија нема добиено одговор за барањата упатени вчера, до министерот за внатрешни работи, до директорот на УБК и до претседателот на Основниот суд Скопје 1, за достава на службената белешка на МВР-УБК, која е со лажна содржина и наведува на сомневање дека се следат активностите на Претседателот на Република Македонија, а воедно е употребена како аргумент при определувањето мерка притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Информираме дека за овој случај, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија извести странски дипломатски претставници во Република Македонија, се наведува во дописот од Кабинетот на Иванов.