Фото: Маја Јаневска-Илиева

ДОМАШНИТЕ ПОЛИТИЧАРИ БЕЗ ОСЕТ ЗА МОМЕНТОТ, пРИОРИТЕТИТЕ И ИНТЕРЕСИТЕ НА ДРЖАВАТА

Во период кога Македонија грчевито се бори и очекува датум за почеток на преговори со ЕУ, домашните политичари и од власта и од опозицијата се напаѓаат меѓусебно или, пак, тераат кампања за локалните избори во октомври.
Наместо здружен настап и лобирање низ европските метрополи и кај сестринските партии во полза на државата, граѓаните секојдневно се сведоци на политичка пропаганда или протести и блокади по скопските улици. Во една зрела демократска држава во ваква ситуација се обединуваат сите сили и се ангажираат сите можни капацитети, и на власта и на опозицијата, во насока на обезбедување датум за почеток на преговорите

Помалку од десет дена остануваат до јунскиот самит на Европската Унија, на кој Македонија се надева дека би можела да добие датум за одржување на првата меѓувладина конференција, но во земјава се чини дека поголем дел од политичките елити повеќе се фокусирани како да се оцрни политичкиот опонент во пресрет на локалните избори во октомври отколку да се одработи нешто заеднички во интерес на државата, сега и веднаш пред самиот на ЕУ во јуни.

И можеби тоа ќе беше разбирливо ако предизборната кампања за локалните избори беше започната и ако земјава веќе преговараше со ЕУ, но во време кога стигнува отворена поддршка од Франција, Холандија, САД, Германија и од другите земји Македонија конечно да добие датум за почеток на преговорите, а некој тука предвреме тера кампања за локални избори, навистина е несериозно и без осет за политичкиот момент.

Во една зрела демократска држава во ваква ситуација се обединуваат сите сили и се ангажираат сите можни капацитети, и на власта и на опозицијата, во насока на обезбедување датум за почеток на преговорите.

Политичарите од власта наместо да се фалат со тоа колку ќе се качела откупната цена на тутунот, колку нови локални патишта ќе асфалтирале, колку оџаци и диви платформи ќе уривале, колку дрвја ќе засаделе, подобро ќе беше да се растрчаа низ европските метрополи и преку разни контакти да лобираа за својата земја.
Истото тоа се однесува и за опозицијата, која наместо да излегува на улиците на македонските градови и да протестира, подобро ќе беше да го искористи моментот и своите претставници и својот потенцијал да ги насочи кон европските метрополи каде што преку разни канали можат да притискаат во полза на својата земја. И партиите од власта и оние од опозицијата се дел од поголеми асоцијации на европски сестрински партии, кои можат директно да помогнат во лобирањето, а за таа цел партиите треба да го имаат во прв план државниот, наспроти партискиот интерес. Или со наједноставен пример, ако секој фудбалер во македонската фудбалска репрезентација играше само за себе, тогаш ниту тимот ќе беше силен, ниту, пак, Македонија ќе играше на Европско првенство. И во политиката во суштина принципот е ист, ако се работи заеднички, успехот нема да изостане.

Но за да се достигне ваквото ниво, потребни де заедничка и координирана стратегија и настап на политичките субјекти во интерес на државата и граѓаните.
– Би било убаво двете целини, односно активности, едната за ЕУ во рамките на таа фаза во која се наоѓаме, а другата во врска со најавени локални избори да течат регуларно, но во принцип политичките сили во Македонија повеќе ги интересира тоа што е дофатлива власт и тоа што произлегува од неа отколку ЕУ што е нешто подалечно, помалку дофатливо, неизвесно, долгорочно – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.

Тој додава дека во изминативе три децении самостојност на земјава ретки биле моментите кога партиите го ставиле државниот интерес во преден план.
– Во Македонија досега не се случило долгорочниот државен интерес да биде во преден план во однос на овие таканаречени дофатливи позиции во рамките на привилегиите, структурата на моќта и тоа што го нуди власта. Од 1990-тите години, па наваму само во дадени периоди, кога во краен случај државата и општеството биле на раб на крупни историски одлуки, како зачленување во НАТО, во ЕУ, прогласување на самостојноста, воениот конфликт во 2001 г., тогаш имаше некакво заедничко дејствување, иако и тука имаше многу одолжувања и опструкции, но некако се ставаше државниот интерес во преден план. Во сите други ситуации тој партиски, што многу често е како брана за личен или групен интерес, бил предоминантен во однос на историскиот тек на општеството, во однос на решавање на крупните прашања – истакнува Андревски.

Според него, развиените општества секогаш ги ставаат државните интереси во прв план и дејствуваат координирано.
– Развиени општества знаат да направат таканаречена златна хармонија, меѓу крупни историски долгорочни прашања и овие дневни прашања. И двете групи треба да се решаваат за да можат граѓаните да се чувствуваат дека се субјект во процесите, дека нивните интереси и потреби се задоволуваат, дека не е некое магливо ветување од типот ќе влеземе во ЕУ, па после 10 години ќе треба да имаме квалитетна улица, редовно снабдување, задоволување на права во администрација итн. – констатира Андревски.

Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека како што се мобилизираат сите сили во државата кога станува збор за спортски настани, така треба да се мобилизираат за прашања што се многу поважни од спортот.
– Добро би било да се постигне единство меѓу власта и опозицијата околу лобирањето за земјава во пресрет на ЕУ-самитот, а имаат и урнек од каде да земат пример. Како што се мобилизираа за Европското првенство да навиваат за нашата репрезентација во Букурешт и да прават спотови и реклами, така треба и за ова да направат оти ова е сепак поважно од фудбалот. Кога можат за тоа да направат кампања и да фрлат толку пари, зошто за ова да не се направи нешто повеќе? Само тројца луѓе одат по европските метрополи и никој не им помага. Има еден куп министри, врзани се многу ресори, каде се тие да помогнат – прашува Јањатов.

Според него, актуелниот момент е добар и дека сите во државава треба да помогнат да се изврши притисок за конечно отворање на преговорите.
– Сега е моментот кога треба да се притисне. Се гледа дека малку се поколебани и Радев и Борисов, но кај нас сите преостанати молчат. Нешто недостига, овој народ не знае да ги решава проблемите. Опозицијата оди по улици и протестира, наместо и таа ги мобилизира силите и да помогне со лобирање кај сестринските партии. Лично сметам дека потфрли и невладиниот сектор, кој требаше многу повеќе да притиска врз европските институции, да направи некаков линк во полза на Македонија. Сметам дека ова е добар момент и не треба да се испушти – констатира Јањатов.