Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски тврди дека институцијата ја завршила својата работа на законски начин. Вели дека сите луѓе работеле деноноќно и јавноста не треба да се грижи.

– Точно е определено како се бројат гласачките ливчиња, кој ги брои гласачките ливчиња, на кој начин и како го утврдува резултатот. ДИК само ги констатира резултатите кои претходно се сумирани и утврдени на самото избирачко место од најмалку десетина луѓе на самото избирачко место. Од тие причини ги демантирам сите шпекулации и лажни вести кои се јавија овие денови – рече Деркоски.

Тој потенцира дека била извршена проверка на целокупниот изборен материјал и во ниту еден записник немало ставено забелешки по причините кои се наведени во приговорите. Одговорно тврдам, рече Деркоски, дека ДИК си ја заврши работа како што треба согласно Уставот и законите.

– Истовремено ги поздравувам сите кои на Фејсбук и на останатите социјални мрежи мислат спротивно од мене, дека можат да продолжат да мислат така, меѓутоа јас одговорно ви кажувам дека нема ниту еден единствен пат да работам спротивно на законите на оваа држава – рече Деркоски.

Во однос на техничките проблеми кои се појавија во текот на објавувањето на резултатите, Деркоски вели дека ваквите проблеми никогаш не влијаат на утврдувањето на резултатите.

На денешната седница, ДИК ги отфрли сите 2.142 приговори поднесени од партиите за предвремените парламентарни избори.