За топло-студените бранови на насилство и затишја што наизменично се шират од северот на Косово, по најновиот инцидент во кој се повредени неколку косовски полицајци и етнички Срби, безбедносните експерти сметаат дека многу лесно може да ја разбрануваат и Македонија, поаѓајќи од неколку фактори на тесна поврзаност: блиска дистанца, засегнатост на етникум што е присутен и во Македонија и во Албанија, латентни стари безбедносни жаришта, летаргичност на ЕУ за решавање на прашањата за проширување на Унијата итн.

Тензиите на Косово го вклучија алармот и во Македонија

Растечките тензии и ѕвечкањето со оружје во нашето непосредно соседство, кое во последно време одѕвонува на граничната линија меѓу Косово и Србија, на само стотина километри од нашите северни граници, го вклучуваат алармот и во домашната јавност. За топло-студените бранови на насилство и затишја што наизменично се шират од северот на Косово, по најновиот инцидент во кој се повредени неколку косовски полицајци и етнички Срби, безбедносните експерти сметаат дека многу лесно може да ја разбрануваат и Македонија, поаѓајќи од неколку фактори на тесна поврзаност: блиска дистанца, засегнатост на етникум што е присутен и во Македонија и во Албанија, латентни стари безбедносни жаришта, летаргичност на ЕУ за решавање на прашањата за проширување на Унијата итн.

Што поитно да се изврши превентивна разузнавачка и воена процена

На прашањето какви рефлексии може да предизвикаат ваквите случувања и кои би биле последиците врз Македонија побаравме одговори од универзитетски професори и безбедносни аналитичари.
Безбедносните експерти велат дека во овој момент сѐ уште е рано Македонија да го свика советот на безбедност за состојбите во Косово. Тие додаваат дека сега е вистинско време што поитно да се изврши превентивна разузнавачка и воена процена на настаните и да се измери нивниот потенцијал дали состојбите од регионот може да се прелеат и во нашата држава.
Професорот на воената академија Методи Хаџи-Јанев во својот осврт на случувањата вели дека по неодамнешните инциденти на северот од Косово во оваа фаза Македонија треба да ја подигне предистражната дејност на безбедносниот апарат и на таков начин да се следи развојот на настаните близу нашите граници.
– Во некоја подоцнежна точка, доколку се создадат околности за тоа, Советот за безбедност би требало да се свика и да ја разгледа состојбата во Косово, но истовремено да даде насоки за соодветните органи – вели професорот.
Хаџи-Јанев поентира дека транспарентното информирање на јавноста во овој момент ќе создаде околности во Македонија, доколку е потребно, да се донесе навремена безбедносна одлука за состојбите во соседството што ќе им даде сигурност кај граѓаните и ќе анулира каква било можност за манипулација со јавноста од штетните случувања и ќе спречи навремено прелевање кај нас на состојбите од соседството.

Доколку дојде до сериозен конфликт на Косово, тоа многу негативно ќе се одрази врз Македонија

Професорот од областа на безбедносните науки и кривичното право Стеван Буџаковски вели дека сите процеси што се јавуваат во регионот, без разлика дали се позитивни или негативни, секогаш се пресликуваат на македонската територија поради геостратегиската позиција на Балканот.
– Особено во овој конфликт, кој е настанат меѓу Србија и Косово, доколку дојде до сериозен конфликт, многу негативно ќе се одрази врз Македонија и нејзината безбедност, но и можност од проширување на конфликтот, бидејќи сиве процеси што се јавуваат како одвоени инциденти и протести, секогаш се најава за некои посериозни безбедносни закани – вели Буџаковски.
Тој вели дека Македонија сега треба да го вклучи алармот за активирање на сите безбедносни служби во безбедносна процена, а потоа и за преземање превентивни мерки и подготовка за најлошо можно сценарио.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, пак, тврди дека оние што раководат со државата сега треба да се фокусираат на превентивни активности за спречување на прелевањето на кризата на Србија и Косово во Македонија.
– Овие активности имаат широка палета на дејанија и тие во овој момент треба да бидат предводени од разузнавачите, кои ќе извршат процена на теренот дали постои потенцијал безбедносно да ни се загрози државата од одредени лица или групи што индиректно или дирекно се поврзани со двете страни од конфликтот во Косово – заклучува Стефаноски.

[email protected]