Грчката реторика со „траги на признание“ за иредентизам во сопствените позиции спрема Република Македонија, можеби не е пресвртна за процесот за спроведување на спогодбата од Преспа во иднина, но сепак остана забележана во македонската политичка јавност како изненадувачко поместување во претходно тврдите и агресивни обвинувања на Атина, за кои се гледа сега дека биле во пропагандни цели
Од дводневната дискусија во грчкиот парламент за спогодбата од Преспа, која главно се одвиваше во амбиент на очекуваните позиции на власта и опозицијата, сепак произлегоа и некои неочекувани „признанија“ за јавноста во Македонија, што внимателно ја следи и дебатата во Грција. Имено, претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис, гласно ѝ забележа на опозицијата за слоганот „Македонија е една и грчка“, што се слушаше на протестите во Грција, дека е „доста иредентистички“. Вуцис рече дека опозициските партии како Нова демократија, но и ПАСОК се служеле со трик во изминатите месеци и не се обиделе да го разграничат ставот за сложено име со географска одредница ерга омнес, од ставот изразен на протестите „никогаш и никаде да не се користи терминот Македонија, бидејќи Македонија е една и грчка“. Со сличен тон беше и говорот на пратеникот од Независни Грци, Танасис Папахристопулос, кој порача дека не треба да се заборави дека „буквата М во ПЈРМ значи Македонија, бидејќи некои се преправаат дека не го знаат или не го слушаат тоа“. Папахристопулос дури и поентира дека „соседната земја и да не постоеше, ќе требаше да ја измислиме“ и дека „само добро може да ѝ понуди на Грција“.
– Се смеат во Европа. Ви го кажувам тоа директно. Дали ПЈРМ е закана за Грција? Се смеат тие што го слушаат. Земја што, речиси нема војска и има 7 отсто од грчкиот БДП. Нејзината поделба ја сакаат за голема Албанија и голема Турција. Моето мислење е и да не постоеше ПЈРМ ќе требаше да ја измислиме. Само добро има да ѝ понуди на земјата. А оваа влада, која ја отфрли можноста за неактивност, има храброст – рече Папахристопулос во грчкиот парламент.
Ваквата грчка реторика со „траги на признание“ за иредентизам во сопствените позиции спрема Македонија, можеби не е пресвртна за процесот за спроведување на спогодбата од Преспа во иднина, но сепак остана забележана во македонската политичка јавност како изненадувачко поместување во тврдите и агресивни обвинувања дека – самото постоење на држава со име Македонија е иредентизам, кој ги загрозува грчката историја, традиција, па и територија. Всушност, суштината на спорот за името што Грција ѝ го наметна на Македонија и поради кој се роди и спогодбата од Преспа е токму во грчките ирационални обвинувања за некаков наводен македонски иредентизам.
– Не е ново некој во Грција да изјавува дека слоганот „Македонија е грчка“ е иредентизам. Сепак, факт е дека ако постои иредентизам тој е јужната страна од границата на Македонија. Жално е што ние, Македонците, досега не успеавме на светот да му ја наметнеме таа реалност. Но таквите изјави, ништо не менуваат во Грција. Нивниот иредентизам си останува и понатаму ние ќе имаме сериозни проблеми со нив во текот на евентуалните преговори за членство во ЕУ. Треба да се нагласи дека во Грција наскоро ќе има нова власт, на чело со Мицотакис, која ќе има можност да ја блокира Македонија во речиси сите 35 поглавја на пристапните преговори за членство во ЕУ. Тоа не ни бега и сите овие признанија за иредентизам во Грција се моментални и без никакви намери да се преиспита грчката политика спрема Македонија, која на долгорочна основа е погрешна и за нив – вели поранешниот дипломат Ристо Никовски.
Иако опозициската Нова демократија најавуваше дека можеби повторно ќе иницира гласање за недоверба на Владата во грчкиот парламент, за ја прекине и одложи дебатата за спогодбата од Преспа, сепак не спроведе таков чекор, па гласањето за ратификација на договорот е сѐ повеќе очекувана реалност. Од друга страна, општопознато е дека политичките договори, искрени, а уште помалку оние произлезени под притисок, потешко ги менуваат вкоренетите стереотипи и позиции во општеството. Оттука се наметнува прашањето дали грчката страна ќе го отфрли својот неодамна признаен иредентизам по ратификацијата во парламентот на спогодбата од Преспа.
– Не треба да се залажуваме дека за неколку месеци ќе се искорени иредентизмот во Грција. Дури и во оваа дебата за спогодбата од Преспа, пратениците од Нова демократија, Златна зора и Независни Грци имаа жестоки дискусии со иредентистички призвук. Сепак, сметам дека таквата жестина во дискусиите е далеку од некогашниот иредентизам, кој беше присутен и во грчкиот образовен систем преку содржината на учебниците. Изјавите што ги даваат двајцата премиери – Заев – на Македонија и Ципрас – на Грција, како и заложбите за успех на спогодбата од Преспа, претставуваат нова страница во нашите меѓусебни односи. Првпат, во овие пет-шест месеци во Грција се појавуваат мислења на интелектуалци, кои на поинаков начин гледаат на проблемот во односите меѓу Македонија и Грција. Токму таа нова свест, искажана на собир на грчките интелектуалци во Атина, пред почетокот на расправата во грчкиот парламент, му даде зелено светло на Ципрас за спроведување на спогодбата од Преспа – согледува дипломатот Љупчо Арсовски, прв амбасадор на Р Македонија во Грција.