Додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ на конвенција (по интерниот оглас) веќе го објави својот натпартиски кандидат, професорката Гордана Силјановска-Давкова, партискиот оглас на СДСМ за пријавување кандидати за претседател на државата заврши на 19 февруари. Официјално е позната само кандидатурата на поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов. Дали тој ќе биде противкандидатот на Силјановска или СДСМ и коалицијата деновиве ќе излезат со друг, како што се најавува, консензуален кандидат.
Освен Филипов, кој и самиот објави дека се пријавил на огласот, владејачката партија не соопшти други имиња, во обид да најде кандидат прифатлив за граѓаните од сите етнички заедници и социјални слоеви, личност што ќе ја одразува идејата: едно општество за сите. Од друга страна, пак, се наметнува и дилемата зошто доколку имаа такви кандидати, тие не се пријавиле на огласот на партијата. Како е можно владејачка структура да има само еден пријавен кандидат на огласот, додека истовремено во јавноста се вртат повеќе имиња на функционери од СДСМ како потенцијални претседателски кандидати.
И додека власта тактизира, преговара и сѐ уште трага по консензуален кандидат, Филипов е уверен дека токму тој ги исполнува тие предиспозиции.
– На описот за консензуален кандидат – одговарам, но не знам дали ќе бидам избран од партијата за официјален кандидат. Ако биде прифатена мојата кандидатура, ќе ги вложам сите мои капацитети да станам претседател на државата. Ако не бидам избран за кандидат – во ред, го прифаќам и тоа. Решив да се пријавам на огласот на СДСМ затоа што сметам дека ги исполнувам критериумите, сите четири критериуми што ги постави партијата во огласот. Јас не сум партиски кандидат, односно не припаѓам во редовите на ниту една партија – вели амбасадорот Филипов, еден ден по завршувањето на рокот за самокандидирање на јавниот оглас на СДСМ.
Филипов не сака да навлегува во шпекулации зошто само тој се пријавил на огласот на владејачката партија, но претпоставува дека можеби имало и други кандидатури што не се земени предвид (и затоа не се објавени), зашто кандидатите не ги исполнувале критериумите што биле наведени. Својата програма и визија не ги претставил пред основните организации или други тела на партијата, затоа што вели дека не е таков концептот на (само)кандидирање во таа партија. Свесен е дека се чекаат предлози од основните организации на партијата, а дека во тек се и консултации со коалициските партнери и други партии за можен заеднички кандидат.
– Претпоставувам дека кога ќе завршат сите тие преговори и процеси на договарање ќе нѐ повикаат сите кандидати да ги претставиме своите програми пред телата на партијата, пред да биде направен конечниот избор – вели Ѓорѓи Филипов.
Тој бил амбасадор на Република Македонија во Германија и во Австрија, од каде што ги покривал Словачка и Јапонија.
Ѓорѓи Филипов себеси се дефинира како хомо социус, односно човек што не создава свет само за себе, туку сака да живее и да создава со и за луѓето. Тоа свое гледиште на смислата за постоењето го изразува во своите книги, но и со статуси на социјалните мрежи. Денеска ќе ја промовира и неговата најнова книга „Воздигање над облаци“, во која ја изнесува својата филозофија.