Договорен е датумот за одржување на предвремените парламентарните избори.
– 15 јули е конечен, последен и единствен датум за избори на кој ќе учествува и опозицијата. Зборував и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и тој потврди дека ќе учествуваат – изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
15 јули е среда и ќе биде неработен ден за сите граѓани. На 13 и 14 јули ќе гласаат болните и изнемоштени, како и позитивните лица на ковид-19 и оние што се во самоизолација.
Молкот ќе настапи на полноќ, во недела, на 12 јули.
Гласањето, со цел да се спречи метежот, ќе трае од 7 часот наутро до 21 часот.
За да се одржи гласењето на 15 јули, претседателот Стево Пендаровски ќе треба да прогласи уште една вонредна состојба.
– Ни треба активно Собрание, домот на народните претставници мора да биде активен. Само на тој начин есента ќе ја дочекаме спремни справувајќи се со последици од опасниот коронавирус. Голем дел од ова нема да се издржи со техничка влада и со нефункционален парламент. Знам дека на граѓаните им е преку глава и дека од оваа игра на нерви најмногу страда народот, па затоа СДСМ ја покажува својата големина и го договори датумот со опозицијата – рече Заев и го повика Мицкоски јавно да каже дека го прифатил овој датум.