Претседателот Стево Пендаровски потпиша укази за прогласување на 21 закон, кои не беа потпишани од неговиот претходник Ѓорге Иванов.
Како што соопштија од претседателскиот кабинет, меѓу потпишаните се и указите за прогласување на Законот за изменување на Законот за оперативно-техничка агенција, на Законот за Централен регистар на населението, на Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, на Законот за изменување на Законот за спортот и на Законот за практикантство.
– Претседателот Пендаровски смета дека овие закони и нивната идна имплементација се од витален интерес за граѓаните – се вели во соопштението.
Измените на Законот за оперативно-техничка агенција се однесуваат на делот на финансирањето и ќе придонесат за професионализација на безбедносните служби. Формирањето на ОТА произлезе од Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеењето на правото во врска со следењето на комуникациите.
Со примена на Законот за Централен регистар на населението ќе се утврди унифициран и единствен начин на водење на поединечните бази на податоци врз основа на утврдени стандарди и процедури. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите се унапредува економскиот развој на државата. Новиот закон значително ги олеснува процедурите, но и ќе се зголеми бројот на компаниите што можат да аплицираат и да добијат државна поддршка за развој на бизнисот.
Законот за практикантство ќе им помогне на невработените лица и на лицата што не се во работен однос, како и на работодавците да ги реализираат своите цели – вработување соодветен кадар преку обука за време на практична работа.