Претседателот Стево Пендаровски потпиша укази за прогласување на 21 закон, кои не беа потпишани од претседателот Иванов, соопштија од претседателскиот Кабинет.
Меѓу потпишаните се и указите за прогласување на Законот за изменување на Законот за оперативно-техничка агенција, на Законот за Централен регистар на население, на Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, Законот за изменување на Законот за спортот и на Законот за практиканство.
-Претседателот Пендаровски смета дека овие закони и нивната идна имплементација се од витален интерес за граѓаните на Република Северна Македонија. Измените на Законот за оперативно-техничка агенција се однесуваат на делот на финансирањето и ќе придонесат за професионализација на безбедносните служби. Формирањето на ОТА произлезе од Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите-се вели во соопштението.
Како што наведуваат од Кабинетот, со примена на Законот за Централен регистар на население ќе се утврди унифициран и единствен начин на водење на поединечните бази на податоци врз основа на утврдени стандарди и процедури.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите се унапредува економскиот развој на државата. Новиот закон значително ги олеснува процедурите, но и ќе се зголеми бројот на компании кои можат да аплицираат и добијат државна поддршка за развој на бизнисот.
Со измените на Законот за спорт се овозможува даночно ослободување за националните спортски федерации, за спортските клубови, за активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови, како и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт. Со ова ќе се обезбедат значителни средства за поддршка на спортот и спортистите.
Законот за практиканство ќе им помогне на невработените лица и на лицата кои не се во работен однос, како и на работодавачите да ги реализираат своите цели – вработување на соодветен кадар преку обука за време на практична работа.