Договорот од Преспа треба да се толкува и применува согласно содржината и духот, а секоја тактика спротивна на тоа ќе ја блокира европската перспектива на ПЈРМ, порача претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, за време на средбата во Загреб со неговата хрватска колешка, претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ.
Павлопулос на средбата говореше за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, но се задржа посебно на секој од соседите на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
-Во однос на ПЈРМ ја поддржуваме нејзината европска перспектива. Но, за оваа перспектива предуслов е, од нејзина страна, целосно и искрено почитување на европско законодавство во целост, односно меѓународно право во целост, а особено Договорот од Преспа, кој мора да се толкува и да се применува според неговата содржина и духот, на начин што не остава ниту трага од иредентизам. Според тоа, секоја спротивна тактика, очигледно дека ќе го блокира напредокот во европската интеграција на ПЈРМ – рече Павлопулос.
Грчкиот претседател истакна дека Грција, Хрватска, Бугарија и Романија како земји членки на ЕУ од регионот, треба да ја поддржат европската интеграција на Западен Балкан, бидејќи тоа, „несомнено е гаранција за мирен соживот и заеднички креативен тек на државите и народите од нашиот регион“.