Фото: Архива

Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница ја разгледува предлог-одлуката за формирање на анкетна комисија за случајот на Клиниката за онкологија.

Антонио Милошоски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и еден од предлагачите на Одлуката во своето излагање посочи дека скандалот кој се случи на клиниката го загрозува членот 39 каде е запишано дека секој граѓанин има право на здравствена заштита.

– Со ова се гледа дека правото не само што не било испочитувано, туку било и злоупотребувано, истакна Милошоски.

Додаде дека овој скандал доведува до пад на довербата во здравството. Според него треба во најбрз можен рок да се утврди политичка одговорност.

– Политичката одговорност ќе има дополнителна корист, оти во овој момент има паушално жигосување на здравствените работници кои немаат врска со случајот, а се грижат за своите пациенти. Не би требало другите здравствени работници да бидат жртви на ваков скандал – истакна Милошоски.

Предложи Комисијата да биде составена од 13 членови од кои мнозинството да биде од опозицијата, односно од ВМРО-ДПМНЕ шест членови, четири од СДСМ, два члена од ДУИ и еден од Алијанса.