На 62-годишна возраст во Скопје почина Сашо Миленковски, истакнат македонски режисер, потврдија од Драмскиот театар – Скопје.
– Со длабока тага се простуваме од Сашо Миленковски, истакнат македонски режисер, драматург и долгогодишен член на Драмскиот театар – Скопје, кој со својата исклучителна творечка визија остави неизбришлив белег во македонската театарска уметност. Во текот на својата богата кариера режира повеќе од педесет претстави во Македонија и странство, афирмира современи македонски драмски автори и создаде сценски дела што ќе останат дел од македонското театарско наследство. Со својата посветеност, уметничка смелост и исклучителен творечки интегритет беше еден од творците што го обликуваа современиот македонски театар. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, пријателите, колегите и до сите што имаа чест да соработуваат со него. Слава му! – стои во објавата на статусот на Драмскиот театар.
Миленковски беше еден од четирите лауреати на наградата за животно дело на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“, што се одржа во Прилеп од 5 до 12 јуни.
Роден e во Битола на 28 ноември 1963 година. Во текот на речиси четири децении активна работа неговата режисерска креативност создава дела со трајна вредност оставајќи силен и препознатлив белег не само во домашната туку и во пошироката театарска сцена. Тој е дел од генерацијата режисери кои во раните 90-ти години донесоа нови естетски насоки и свеж творечки импулс во македонскиот театар. Неговата професионална кариера почнува уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје преку ангажманот во мултинационалниот проект КПГТ во Суботица (1988 – 1991), кој се разви во значајна сцена за современи театарски експерименти и меѓународна соработка.
Во периодот од 2006 до 2010 година ја извршуваше функцијата директор на Македонскиот народен театар, а од 2010 година беше драматург во Драмскиот театар – Скопје, каде што активно учествува во креирањето на современиот репертоар. Во 1999 година Миленковски го основал театарот „Бабилон“.
Миленковски остави повеќе од 50 режии на театарски претстави во Македонија, регионот и во Европа.
Неговите претстави редовно се наградувани и селектирани на многу фестивали. Режира дела од Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет, а значаен дел од неговото творештво беше посветено на современата македонска драма.
Двапати ја добива наградата за најдобра режија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ – во 1993 година за Game over (Народен театар – Куманово) и во 2007 година за „Македонски рулет“ од Љубиша Георгиевски (Драмски театар – Скопје), при што и двете претстави се прогласени за најдобри во целина.
Меѓу неговите најпознати претстави се „Балканот не е мртов“ и „Буре барут“ од Дејан Дуковски, како и „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски.

































