Двајцата премиери се договориле на 25 јануари, да се одржи заедничка седница на двете влади, а меѓу планираните чекори најавија и формирање на работни групи
Ќе се формираат работни групи кои ќе бидат од повеќе области – инфраструктура, економија, трговија, деловната соработка меѓу бизнис заедниците, образование, култура, а тука ќе биде вклучена и Комисија за историски и образовни прашања. Ова денеска го договорија премиерите на Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков.
Ковачевски на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Петков посочи дека со неговиот колега доминантно разговарале за воспоставување на работни групи, во областа на инфраструктурата, економијата, трговијата, иновациите, евроинтеграциите и во областа на образованието и културата.
-Сметаме дека тоа се области кои значат многу повеќе за граѓаните, за нивната иднина за граѓаните од сите возрасти посебно за младите. Тие се направени како меѓуресорски работни групи во кои нема да учествуваат само политичари, туку ќе учествуваат и претставници на секторите за кои се однесуваат, посочи Ковачевски.
Ова, како што информира Ковачевски, се области во коишто планираат да имаат динамика која ќе биде дури на седумдневно ниво, каде работните групи ќе работат помеѓу себе и ќе можат самите да ја информираат јавноста за тоа што е постигнато и што може да очекуваат во иднина.
Во однос на историската Комисија, како што информира Ковачевски, таа веќе има свој план за работа и врз основа на тоа што го имаат сработено и историчарите кои се членови на таа комисија, како што рече, ќе треба самите да информираат во однос на тоа што и на кој начин договориле врз основа на методологијата и фактите на кои работат.
–Што се однесува до Историската комисија гледате дека овде нема претставници на Историската комисија. Значи, историчарите работат во еден подолг процес, бидејќи се работи сега и за период во минатото којшто тоа го прават врз основа на методологија и врз основа на дефинирање на одредени факти што ги имаат регулирано согласно со методологијата и јас лично се надевам дека прво, членовите на историската Комисија ќе информираат заеднички за тоа што е договорено и дека тоа што заеднички е договорено ќе биде мост кон иднината, а не враќање кон минатото-вели Ковачевски.
Двајцата премиери се договориле на 25 јануари, да се одржи заедничка седница на двете влади, а меѓу планираните чекори најавија и формирање на работни групи.