Пет деца и еден возрасен се извлечени од селото Рајчани, Кочанско, каде што биле завеани од снегот – информираат попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
До единствениот број за итни случаи 112 во 9.53 часот било пријавено дека пет малолетни и едно возрасно лице, поради обилните снежни врнежи, се заглавени во село Рајчани, Кочанско, и не можат да се симнат во Кочани.
– Од ЦУК, преку Секторот за операции и координација, веднаш е контактирано со СВР Штип, ПС Кочани, со лицето за контакт од Општина Кочани и градоначалникот на Општината, за координирање на активностите – информираат од Центарот за управување со кризи.
Нешто пред 12 часот, лицата биле извлечени од местото со теренско возило на Доброволната планинска спасувачка служба „Осогово“ и безбедно биле однесени и предадени на своите родители во Кочани.