Претседателот Стево Пендаровски, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, денеска положи цвеќе пред Меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ Бутел во Скопје, соопшти Кабинетот на претседателот.
Генералниот секретар на кабинетот на претседателот, Миле Бошњаковски присуствуваше на чествувањето на Денот на народното востание во Куманово и положи свежо цвеќе пред Спомен – костурницата.
Делегации од кабинетот на претседателот присуствуваа на чествувањето на Денот на народното востание и во Скопје и Прилеп и положија свежо цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“, на платото пред Владата во Скопје и споменикот на Методија Андонов – Ченто, споменикот на Кузман Јосифовски – Питу и Могилата на непобедените во Прилеп.
Со високи почести, владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска положи свежо цвеќе на спомениците на народните херои во Прилеп, по повод одбележувањето на државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание, кој оваа година се слави под мотото „Непокор и слобода“.
Дел од владината делегација беа и заменик министерката за здравство, Маја Манолева и заменик министерот за образование и наука, Агим Нухиу, кои заедно со вицепремиерот Битиќи положиа свежо цвеќе и оддадоа почит пред споменикот на Методија Андонов Ченто, за да потоа се упатат пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу, каде истотака положи цвеќе.
На крајот на свеченото одбележување на 11 Октомври, официјалната делегација на Владата, предводена од Битиќи, свечено положи цвеќе и пред споменикот „Жена Борец” во Прилеп.