Фото: Кабинет на претседателот

Претседателот Стево Пендаровски денеска одлучил да го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, информираа од неговиот кабинет.

-Со измените во Кривичниот законик, усвоени од Собранието, не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата. Напротив, казни и понатаму се предвидени за сторителите на тие дела, со тоа што со овие измени акцентот е ставен и на т.н. проширена конфискација на имот. Во тој дел, измените на Законикот се усогласени со eвропската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела – велат оттаму.

Пендаровски очекува мерката проширена конфискација на имот да не остане само на хартија како што е досега, туку многу почесто да бидеприменувана во пракса и во сите случаи на констатирани злоупотреби во вршењето на службата, незаконски стекнатата имотна корист и злоупотребените средства да бидат вратени во буџетот.