Додека сум на функција последниве две и пол години немам никого одбиено за средба, вели претседателот Стево Пендаровски во одговор на новинарско прашање во врска со реакциите од бугарското МНР по неговата средба со претставници на здружението на Македонци од Бугарија, ОМО Илинден Пирин. Како што додаде тој, средбата нема ниту еден елемент спротивно на договорот за добрососедство од 2017 година.
-Ако некому му пречи средбата на претседателот на Република Северна Македонија со Македонци било каде во светот, тоа е друга работа и тоа не е мој проблем или не би требало да биде наш проблем. Нема никаква позадина во средбата. Едноставно, здружението ОМО Илинден Пирин, побара да се види со мене – рече Пендаровски.
На новинарското прашање дали како шеф на државата ќе застане во одбрана на нивните права, со оглед на тоа што бугарската држава ги негира, Пендаровски кажа дека тоа е едно од прашањата кое го разговарале со претставниците.
-Им реков дека ги примам и сакам да ги чујам нивните маки, ако имаат проблем во иднина пак ќе се видиме, но да не очекуваат дека ќе им наложувам на бугарската држава, Влада, судови, да направат нешто во смисла на правата. Зошто? За бугарските граѓани, за бугарските државјани се надлежни институциите на Република Бугарија. Ако не сте задоволни, како што знаеме дека не се од тоа како ги реализираат човековите права, им реков дека имаат право да одат на меѓународните судови. По ниту едно правило на меѓународното право оттука јас не смеам да се мешам во заштитата на правата на бугарските државјани и граѓани. Тоа е во склад со договорот од 2017 година. И обратно, за Бугарите кои живеаат во Северна Македонија сум јас надлежен, македонската влада, македонските институции, македонските судови. Ако не се задоволни од нас, одат во Стразбур или пред меѓународните организации кои се бават со човекови слободи и права. Тоа се правилата. Им реков можам да ве лажам и да собирам популистички поени, но тоа би било измама од моја страна – рече Пендаровски.