Фото: Маја Јаневска-Илиева

Малата Вања била грабната од влезот на зградата каде што живеела за да се изнудат пари од нејзината мајка. Панче Жежовски, пак, бил грабнат поради наводен долг од 500 евра, но заднината била да му се одземе возилото, со коешто подоцна е грабната Вања. Оливер Спасовски најави дека ќе направат сѐ за убиецот да одговара. Ова се најновите сознанија од предистрагата која што ја води скопското обвинителство, со соработка со МВР, за исчезнувањето и смртта на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74- годишниот велешанец Панче Жежовски.

Во грозоморниот план учествувале пет лица – четворица од нив биле дел од група која што го осмислила планот за грабнување и го извршила суровото убиство, наводно откако ги фатила паника дека ќе бидат фатени. Како петто осомничено лице, се посочува таткото на девојчето, за коешто членови на групата тврделе дека посредно од него биле добиени сознанија за движењето на девојчето. Ваквите тврдења се проверуваат.

И двата случаи се поврзуваат со користољубие.

Скопскиот јавен обвинител, Гаврил Бубевски вели дека се проверуваат информациите дали е точно дека таткото на организаторите им ја обезбедил информацијата каде може да ја грабнат Вања. Пред новинарите рече дека ваквата информација била добиена за време на распитот. Приведените рекле дека посредно од првоосомничениот за киднапирањето и убиството, кој е во бегство, дознале кога девојчето ќе биде само за да можат да го грабнат.

-Иако групата планирала да бара откуп, ситуацијата излегла од контрола – вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Два и пол часа по грабнувањето на девојчето, „организаторите ги фатила паника, откако цела јавност се крена во потрага на девојчето“, по што решава детето да го ликвидира, посочи на прес-конференција Бубевски. Приведените на распит во обвинителството тврделе дека Вања е убиена со пиштол околу 10 часот.