Во СОС Детско село во Скопје денеска официјално беше отворен Центарот за поддршка на згрижувачки семејства. Во моментов во земјава има 327 згрижувачки семејства во кои се згрижени 559 деца без родители и родителска грижа.
-За едно дете да расте и правилно да се развива идеална е природната средина, односно семејната средина. Но, поради разни причини некои деца ја немаат таа можност. Затоа МТСП преку законски решенија, стратегии, програми и активности работи на создавање на услови за секое дете да расте и да се развива во средина блиска на семејната. Правилниот избор на формата на заштита на децата без родители и родителска грижа им овозможува на децата развивање во здрави личности кои ќе треба да ја понесат одговорноста како возрасни лица подготвени за иднината – изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која присуствуваше на отворањето на Центарот.
Таа додаде дека во последните неколку години во земјава интензивно се работи на развивање на формата сместување во згрижувачко семејство како вонинституционална форма на заштита. МТСП, истакна Тренчевска, спроведувајќи го процесот на деинституционализација презеде низа активности за развој на оваа форма на заштита преку донесување на законски и подзаконски акти, упатства, програми за работа, како и обуки на стручните работници во насока на зголемување на бројот и квалитетот на згрижувачките семејства.
Според неа, на полето на развој и унапредување на услугата сместување во згрижувачко семејство се прават напори да се прошири мрежата, да се подигне квалитетот на грижа во постоечките згрижувачки семејства и да се развијат специјализирани згрижувачки семејства.
-Согласно реформите во системот на социјална заштита во делот на поддршката на згрижувачките семејства како нова форма за првпат е предвиден Центар за поддршка на згрижувачки семејства кој треба да врши промоција на услугата згрижување во семејството, подготовка, проценка и обука на идните згрижувачи, како и да ги следи и дава поддршка на постојните згрижувачки семејства. Исто така, со оваа реформа за првпат како социјална услуга се препознава услугата стручна помош и поддршка на згрижувачките семејства со што се создаде можност поддршката на згрижувачките семејства да биде обезбедена од страна на лиценциран овластен давател на услугата – истакна Тренчевска.
Таа додаде дека СОС Детско село е долгогодишен партнер на МТСП во грижата за децата без родители и родителска грижа. И, како што истакна, сосема природно е да се вклучи во овој процес преку воспоставување на Центар за поддршка на згрижувачки семејства во рамките на установата. За оваа услуга МТСП склучи управен договор со СОС Детско село. Овој центар е трет ваков во државата. Такви центри, како што рече министерката, има и во Детскиот дом „11 Октомври“ – Скопје и во Домот за доенчиња и мали деца во Битола.
Во моментот во државата има 327 згрижувачки семејства во кои се сместени вкупно 559 корисници. Центарот за поддршка на згрижувачки семејства СОС Детско село е надлежен за поддршка и развој на згрижувачки семејства во Скопскиот, Вардарскиот и Југоисточниот плански регион.
Националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Гапо истакна дека оваа институција во моментот поддршка се дава на 64 згрижувачки семејства.
-Се надевам дека заедно со МТСП во наредните години ќе успееме да го унапредиме згрижувањето, да го зголемме бројот на згрижувачи и да ги изградиме капацитетите на згрижувачките семејства, но исто така и да ја зајакнеме свеста околу згрижувањето да ги разбиеме митовите околку згрижувањето и да убедиме повеќе граѓани да го отворат својот дом да поддадат рака и да променат нечиј живот – истакна Гапо.
Таа додаде дека СОС Детско село во наредниот период ќе почне кампања во осум градови, која до крајот на годината треба да се реализира во 26 градови.
-Ќе се обидеме да допреме до секое семејство и до сите граѓани да дадеме повеќе информации за тоа што значи да се биде згрижувач и како може да им се помогне на овие деца – вели директорката на СОС Детско село.
Иако, нагласува таа има повеќе услови за некое лице да може да стане згриживач, како што се просторни услови, основни приходи основни во семејството, тоа да не биде осудувано, да нема преголема разлика во годините со детето кое ќе биде згрижено, како и да има родителски капацитети, најваќно е мотивацијата да не биде економска, туку тоа да бидат желбата и љубовта кон децата.