Општина Дебар попладнево информираше дека е ставен под контрола, и во поголем обем е локализиран, големиот пожар над селото Татар Елевци, кој беснееше два дена, а во чие гаснење денеска беа вклучени и два Ер трактори.
– По тричасовна операција Ер тракторите успеаја да го изгаснат пожарот спречувајќи ситуацијата да излезе вон контрола. Во овој случај, Општината им се заблагодарува на сите институции и лица кои се вклучија во оваа акција за гаснење на пожарот – стои во објавата на општина Дебар.
Воедно, се упатува апел до граѓаните да бидат “внимателни и да избегнуваат какво било движење во шума, бидејќи се работи за вонредна состојба и секое вакво движење е законски забрането”. Се предупредува дека секој обид за прекршување на овие правила ќе биде казнет со строги мерки.
Пожарот избувнал на 1000 метри надморска височина при што бил зафатен планински, многу стрмен предел.
– Во гаснењето освен ТППЕ, вклучени беа полициските сили, претставници на шумското стопанство, волонтерски сили од селото Горно Косоврасти и од Општина Центар Жупа, кои ги поддржаа пожарникарите на терен. Тешкиот планински терен ја оневозможуваше ефикасната интервенција на противпожарните возила по што побаравме помош за интервенција од воздух – се нагласува во објавата.
Пред два дена пожар беше регистриран и во атарот на село Бањиште, кој бил изгаснат од дебарската ТППЕ.