Фотографија од пропаднат камион на плоштад „Македонија“ во Скопје, од несреќа што се случи на 23 ноември минатата година, измами дел од македонските медиуми кои денеска ја споделија како вест за нов инцидент на градскиот плоштад.
„Пак пропадна камион во фонтаната на Плоштад Македонија“ и „Плоштадот Македонија повторно настрада од камион“ се дел од насловите во медиумите, кои набргу потоа беа повлечени по осознавањето на грешката.
Фотографијата деновиве беше објавена во фејсбук-групата „Ѕид на сообраќајниот срам“, по што набргу се прошири во медиумскиот простор. Згора, на фонтаната веќе извесно време стои црвено-белата сигнализација, што не се забележува на старата фотографија.
Подната фонтана на скопскиот плоштад не е во функција веќе неколку години, а неколкупати досега беше оштетена од возила што поминуваа врз неа. Првиот ваков инцидент беше забележан во 2016 година, а последниот со фотографијата што предизвика забуна, датира од 23 ноември минатата година.
Град Скопје преку соопштение ги демантира написите за наводно пропаднат камион на плоштадот „Македонија“ и бара од медиумите соодветно да ги проверат информациите кои се пласираат на социјалните мрежи.
Оттаму со фотографија појаснуваат дека секој приод кон плоштадот „Македонија“ по последниот инцидент пред прославата за Нова година, кога пропадна комбе на странски државјанин во подземната фонтана, е забранет за возила и физички е оневозможен со поставени столбови .