Во аптеките низ земјава од денеска се достапни деветте нови генерички лекови кои се додадени на позитивната листа. Меѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција.
– По една деценија, од денеска граѓаните ќе можат да ги земаат новите лекови на позитивната листа од аптеките. На листата се додадоа девет нови генерици, односно 87 лекови во различни имиња, форми, јачина и пакување и тоа за крвен притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција.Последното проширување на позитивната листа беше во 2009 години и во 2014 кога се додал само еден лек. Но, од денеска таа е проширена за 9 нови лекови – стои во соопштението на владата.
Проширувањето беше најавено уште во август, кога министерот за здравство Арбен Таравари кажа дека на листата се додадени 9 нови генерички лекови, а тоа се 87 лекови во различни имиња и форми. Лековите што се најдоа на позитивната листа се со генеричко име Prasugrel и Ticagrelor (за крвни болести и против згрутчување на крвта), Nebivolol, Perindopril, Valsartan и Fenofibrate за висок крвен притисок и Escitalopram, Mementine и Duloxetine за третман на депресија и деменција. Која било доза од деветте генерички лекови од кој било производител, за пациентите ќе ја покрива Фондот за здравство.
Таравари на 11 септември рече листата последен пат била проширена во 2014, со само еден лек и оти се надева дека следното проширување ќе биде после Нова година.