Фото: Игор Бансколиев

Од денеска стапуваат во сила мерките за штедење струја до 15 проценти, а со тоа почнува да важи и кризната состојба за електричната и топлинската енергија.

Мерките за штедење струја што ги донесе Владата на 16 август, ќе важат до 31 март 2023 година, а кризната состојба прогласена на 25-ти овој месец треба да трае 30 дена.

Според Владата, пред нас е една од најтешките зими на енергетски план и сите заеднички треба да придонесеме за нејзино полесно пребродување.

Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, ладење со клими на не помалку од 27 степени и греење на максимум 20 степени, исклучување на компјутерите по завршување на работните обврски, редовно менување на филтрите на грејните тела и клима уредите, пеќатење само потребните материјали, замена на прозорците со енергетски ефикасни, се само дел од обврските кои државните институции мора да ги спроведат.

Слични се и препораките за бизнис секторот – исклучување на декоративното осветлување на фасадите на сите објекти, користење дневна светлина за внатрешните простории, халите и канцелариите во објектите во период кога за тоа има можност, ладење на производни објекти, хали и канцеларии со клими на не помалку од 27 степени и греење на максимум 20 степени, исклучување на компјутерите по завршување на работните обврски, замена на старите сијалици со компактни флуоресцентни, редовно менување на филтрите на грејните тела, инсталирање топлинска пумпа како високоефикасен систем за греење, ладење и за подготовка на топла вода при градба на нови градежни објекти или реконструкција на стари, примена на нови технологии за подобри енергетски перформанси на индустриските постројки,…

На домаќинставата им се препорачува вклучување бојлер по потреба и по можност на евтина струја, вклуќување на машините за перење и за миење садови само кога се полни и исто така на евтина струја, разумно користење на грејните тела, максимално користење на дневната светлина и топлината од сонцето, гаснење на сијалиците кога не се престојува во одередни простории, готвење во помали садови или во садови соодветни на големината на ринглата, кратко и интензивно проветрување на просториите,…

Одлуките за постоење кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Македонија се донесени на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

-Првата Одлука се донесе поради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија,а втората поради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија – информираше владината прес-служба по 74-тата седница на Владата што се одржа на 25 август.