Фото: Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје  денеска го одбележа патронатот кој годинава е во знакот на одбележувањето 80 години од формирањето на оваа институција, основана во ноември 1944.

Денот на св.Климент Охридски – 8 Декември од 2007 година во земјава е и државен празник. Свети Климент (840-916) – просветител, учител, заштитник на македонскиот народ, е  еден од најистакнатите ученици на св. Кирил и Методиј. Основач е на Охридската книжевна школа, позната како прв словенски универзитет, од која произлегле над 3500 ученици.

– Ние, како современа генерација библиотечни работници, чувствуваме должност и сме обврзани да ги чуваме вредностите кои нашиот патрон ги негувал и сето тоа да го правиме согласно Климентовото познато правило: „Или не поучувај или поучувај со својот живот. Инаку, со зборови ќе ги повикуваш, а со делата ќе ги бркаш“. Колективот на нашата институција скоро цел век ревносно се води по ова правило, докажувајќи ја својата пожртвуваност кон културното и народното наследство, низ разни премрежја, како војни, поплави и земјотреси – истакна директорот на Библиотеката, Јовица Никчевски, во поздравното обраќање.

Како што рече, Поверенството на АСНОМ за народна просвета, предводено од Епаминонда Поп-Aндонов, на 30 ноември 1944 упатило писмо до сите народноослободителни одбори и сите училишта во Македонија „да се празнува 8 декември како државен празник на нашата сенародна просвета“.

– Сите училишта биле задолжени да организираат пригодна програма и прослава која би траела три дена, од 7 до 9 декември. Како што се вели во писмото, „со ваквите чествувања треба да покажеме на македонскиот народ дека новата македонска власт, многу повеќе од старите фашистички власти и режими, ги цени имињата и заслугите на големите луѓе на Македонија“. Но, за жал, повеќедецениската системска негрижа за оваа институција, многупати нас, како колектив, нѐ оставаше на забот на времето и нѐ доведуваше до нефункционалност и неможност за нормално функционирање на Библиотеката – истакна Никчевски.