Политиката и политичките кампањи да се реализираат надвор од институциите, а работниците да не се злоупотребуваат за политички цели, реагираше денеска Независниот полициски синдикат по вчерашната ненајавена посета на техничкиот премиер Талат Џафери на СВР Тетово.
– Оваа прес-конференција ја одржуваме во врска со вчерашниот преседан кој беше направен од страна на техничкиот премиер, кој неовластено упадна и неовластено снимаше вработени кои ги извршуваа своите работни задачи во СВР Тетово – изјави денеска претседателот на Синдикатот, Гоце Делчев.
Од Синдикатот бараат министерот и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи да застанат во одбрана на работниците.
– Да реагираат и да ги спречат притисоците врз нив, како би ги покажале на дело декларативните заложби на кои укажаа уште првиот ден од техничката Влада – рече Делчев.
Техничкиот премиер вчера беше во ненајавена посета на СВР Тетово, а во изјава за медиумите рече дека констатирал оти во СВР Тетово недостига организација во извршување на задачите на дневна основа.
– Како што најавив во Владата, институциите да не се изненадат што без најавување ќе ги проверувам вршителите на работите и обврските што ги имаат. Општ впечаток е дека недостига организација во извршувањето на задачите на дневна основа и релевантната институција во однос на организацијата ќе треба да се потруди примањето на документите да се одвива во една форма и обезбедувањето на готови документи во друга форма. Луѓето чекаат да бидат информирани – изјави Џафери, додавајќи дека не е во негова надлежност да бара одговорност од вработените, но дека ќе побара одговор од надлежните министри и заменици министри.