Македонија нема потреба да ја менува преговарачката рамка со Унијата! Да, точно разбравте! Наместо нејзина промена, треба да преземеме други, многу попотребни чекори. Едноставно, таа треба да се елиминира, и тоа на индиректен и суштински начин. Всушност, тоа е и единствениот начин да излеземе од ќор-сокакот и тунелот без излез во кој се наоѓаме и навистина да тргнеме кон Унијата.
Неспорно е дека такви радикални чекори не може да се очекуваат од сегашната власт (август 2023). Таа докажа дека е подготвена да го жртвува македонскиот народ и, не само поради тоа, нивните предавнички политики мора итно да се сменат. Меѓутоа, ќе мора да се почекаат изборите и промената на власта.
Новата власт, пак, ќе мора веднаш да го промени курсот на порази, на кои последниве седум години беше изложена Македонија. Потегот е едноставен – треба веднаш да се откажат договорот за (не)пријателство со Бугарија и двата срамни протокола, кои се сосема погрешно наречени така. Тие се нови дополнителни капитулантски меѓународни договори, кои не се ратификувани во Собранието, што ја олеснува процедурата на нивно бришење. Имаме многубројни причини зошто можеме, ама и мораме да ги откажеме договорите со Бугарија. Софија целосно ги игнорира речиси сите преземени обврски. Сѐ станува очевидно и со бегло читање на договорот за (не)пријателство. Впрочем, може ли блокади и уцени да се изрази на пријателство? По автоматизам, преговарачката рамка станува неупотреблива со откажување на трите документи, што е предвидено со членот 13 од договорот за (не)пријателство. Во нејзиниот најважен, и за нас клучен дел, рамката целосно се базира токму врз овие за нас навредливи документи, потпишани од наши генијалци.
Со еден ваков потег престанува да важи монструозната преговарачка рамка. И, што е најважно, на овој начин нема директно да се конфронтираме со Унијата! Од Брисел, нема ништо да бараме! А тие, сакале или не, ќе мораат да се приспособат на новата ситуација. Нема да им биде право, ама нема да можат ниту да се бунат. Виша сила!
Нема да ги демантираме ниту „добронамерните“ измамници дека рамката е непроменлива. Таа навистина нема да се менува, туку ќе стане бесмислена. Ќе си остане непроменета, ама во срамниот дел на бриселските архиви. Впрочем, рамката е резултат на нашата невидена и мизерна сервилност во однос на Бугарија. Договор е меѓу Ковачевски и Петков, искористен од Париз. Сосема е во ред, таа и да испари преку Софија. Ваквите наши потези ќе предизвикаат жестока бура на протести, негодувања, веројатно и закани од европските и од светските центри. Нашата дипломатија и политика ќе бидат на тежок испит. Сепак, тоа кратко ќе трае. Набргу, сите ќе си легнат на брашно, свесни дека ги браниме своите универзални права. Потоа, Македонија ќе може да бара рамноправен и реципрочен договор со Бугарија и ќе може да отвори процедура на преговори со Унијата, базирана на објективни критериуми (Копенхаген). Не на небулозни диктати и заради расчистување историски синдроми на нејзини членки.
Со сегашната преговарачка рамка, шансите некогаш да влеземе во Унијата се симболични или никакви. Мора да ни биде јасно дека, како Македонци и со македонски јазик, Софија нема никогаш да нѐ пушти во Унијата. Бугарија веќе недвосмислено и одлучно ни стави до знаење дека за македонизмот нема место во Брисел. Нивното собрание нема никогаш да ратификува таков документ за наше членство. Без ваква радикална промена во нашето однесување, бугарскиот башибозук, целосно поддржан од клучните меѓународни фактори, пред сѐ поради нашата сервилност, ќе продолжи да прави што сака. Со сегашната рамка, Софија нема никакви ограничувања за реализацијата на своите историски синдроми. Бришењето на Македонците е при крај, а тоа не е само нејзин интерес.
Во новите услови сѐ ќе биде поинакво. Сѐ ќе зависи пред сѐ од нас, почнувајќи од внатрешните реформи. Ако продолжиме вака – капитулантски и предавнички, нема некаде да стигнеме.
Ова е сосема реална проекција особено со оглед на фактот дека Унијата уште долго нема да се шири и дека Софија нема да дозволи наше нормално членство. Тоа дава доволно простор да ги расчистиме односите со Бугарија и да тргнеме по правиот пат кон Брисел. Сѐ друго е губење време.
Со новата надворешна политика ќе ги демантираме и многубројните „добронамерни“ измамници, за жал, предводени од Калето, кои цело време нѐ уверуваат дека за нас, преговарачката рамка е – Библија! Дека е неменлива, а таков документ во светот – нема!? Тоа се истите тие што безмилосно и арогантно и ни ја скроија и подметнаа.
Таа е и нелегална бидејќи е надвор од праксата на Унијата, спротивна е на нејзините принципи и вредности, и претставува жртвување на Македонија за туѓи интереси. Сепак, мора да се признае дека дереџето во кое сме доведени е заслуга на нашите некадарни политички аматери.
Сега е веќе мошне јасно дека уставни промени – нема да има. Ќе мора да се почекаат редовните парламентарни избори бидејќи власта, свесна за своите тешки криминали, не сака предвремени. Впрочем, кој би брзал за да заврши во зандана? Откако ќе заврши скринингот, земјата ќе се најде во тешка ситуација. Поради апсурдниот ултиматум за промена на Уставот, преговорите за членство нема да бидат отворени. Немањето преговори, пак, ќе биде хендикеп за државата и сериозен товар за опозицијата. Од сите страни таа ќе биде изложена на жестоко бомбардирање дека е против членството во Унијата, против иднината на државата… Во сето тоа нема да има ниту грам вистина, ама ќе биде одличен повод за странците, кои веќе 30 години неуморно работат на затворање на „македонското прашање“, да се обидат да се пресметаат со опозицијата, која не е подготвена да капитулира.
Меѓутоа, доколку сакаме да преживееме како народ, избор – немаме. Бурата ќе мора да се издржи и на изборите да се излезе со сосема јасни и прецизни политики, разбирливи за народот. Мора отворено да се каже дека односите со Бугарија ќе бидат поставени на сосема нови и рамноправни основи. Без налудничави отстапки, како досега. Тоа ќе биде голем предизвик, ама и извонредна можност да се понуди излез од ќор-сокакот и темниот тунел во кој сме веќе предолго. Откако ќе заврши скринингот, само навидум ситуацијата ќе изгледа безизлезна. Тоа ќе биде и можност да се тргне во офанзива за реални перспективи, во интерес на сите граѓани. Ќе мора да се подготви комплетно сценарио за победа на изборите, во согласност со состојбите. Место за ракавици – нема да има. Рејтингот на опозицијата ќе биде под силен притисок поради одложувањето на преговорите за членство. И таа бура ќе мора аргументирано да се издржи.
Сепак, најважно од сѐ е што новата власт ќе има историска шанса да започне со исправање на катастрофалните грешки направени последниве години. Ако се сака успех, тоа мора да биде преку радикални промени. Сите што размислуваат со своја глава веќе мора да бидат свесни дека клучот на сите наши голготи, низ кои поминувавме последниве години, својот непосреден корен го има токму во капитулантските договори со Бугарија.