Лого/ МД Илинден - Тирана

Благодарност од македонското друштво „Илинден“ од Тирана до МСМЈЛК при УКИМ

Македонското друштво „Илинден“ од Тирана во името на сите Македонци што живеат во Албанија упати благодарност до Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и до директорката, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, за посветеноста, залагањата и проактивниот однос за остварување на иницијативата за повторно отворање лекторат по македонски јазик во Тирана.

„Она за што мислевме дека би биле потребни децении или години, МСМЈЛК при УКИМ успеа да го постигне само за неколку месеци и со тоа да покаже и што е вистинска борба за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура и како вистински се работи за заштита на македонскиот идентитет. Од осамостојувањето на нашата македонска држава досега, ние, Македонците од Албанија, не паметиме друг пример кога македонските институции со толкава посветеност и брзина одговориле на наше барање или иницијатива, и тоа со конкретен резултат, кој не е важен само за нас туку е важен и за македонската држава и за македонистиката. Со залагањата со кои се успеа да се дојде до одобрување за повторно отворање на лекторатот по македонски јазик во Тирана, МСМЈЛК при УКИМ кај нас ја враќа вербата дека има институции што знаат да работат и вистински да се залагаат“, се наведува во официјалното обраќање до Семинарот.

Притоа се додава дека од страна на друштвото „Илинден“ уште минатата година е поднесена иницијативата за повторно отворање на лекторатот, по што во декември 2022 година доставиле и официјално барање, но тие не очекувале, а како што велат, ниту помислувале дека нивната најголема желба, на Универзитетот во Тирана да се слушне македонскиот збор, ќе се оствари толку брзо.

„Мислевме дека за тоа ќе бидат потребни барем неколку години и дека остварувањето на иницијативата е неизвесно. Но, наместо нашето барање да заглави во фиоките на архивите, уште од првиот ден МСМЈЛК при УКИМ започна активности што беа потребни за остварување на иницијативата. Притоа, МСМЈЛК при УКИМ се залагаше и за дипломатски заложби за лекторатот. Во сите изминати месеци, МСМЈЛК при УКИМ, предводен од директорката, професорката Весна Мојсова-Чепишевска, го изоде патот што нè доведе до одобрувањето од Факултетот за странски јазици во Тирана за повторно отворање лекторат по македонски јазик. Убедени сме дека тој пат не беше ниту лесен, ниту без пречки, ниту краток, но упорноста и решеноста да се оствари оваа иницијатива го дадоа потребниот резултат. Желбата и решеноста да се отвори овој лекторат не беа само наши туку и на МСМЈЛК при УКИМ, заради определбата да има лекторати секаде каде што има интерес за македонскиот јазик, литература и култура“, додаваат од „Илинден“.

Притоа, тие не ги кријат своето одушевување и неизмерна благодарност.
„Нашиот голем сон веќе е остварен – одобрено е отворањето на лекторатот! Сега ќе претстои нов предизвик. Тој лекторат, на кој ќе може македонскиот јазик да го изучуваат сите заинтересирани студенти во Тирана, кои се многубројни, по доаѓањето на лекторот ќе треба да се развива, за навистина да биде средиште на македонско-албанските културни и научни врски и центар за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во Албанија. Веруваме дека и тоа е можно, и тоа само ако се работи со посветеност и залагања со какви што работи МСМЈЛК при УКИМ. Од исклучителна важност е брзото темпо со кое се одвиваше остварувањето на иницијативата сега да стане темпо со кое во првите години по повторното отворање на лекторатот ќе се развива соработката и самиот лекторат, затоа што се покажа дека само така се постигнуваат вистински резултати. Упатувајќи ја нашата неизмерна благодарност, ја искажуваме и нашата убеденост дека тоа ќе се случи со залагањата на МСМЈЛК при УКИМ. Уште еднаш до нив упатуваме огромна благодарност. Со нивните залагања се случи нешто што за нас има историско значење“, се наведува во писмото за благодарност до МСМЈЛК при УКИМ од страна на македонското друштво „Илинден“ од Тирана. П.Р.