Енрико Телини

Од историските архиви

И покрај обидите на Република Бугарија да ги претстави Македонците од Албанија како Бугари, историските документи јасно ги негираат овие квазиисториски тврдења. Постојат голем број документи во албанските и италијанските архиви, но особено е интересен извештајот на италијанскиот генерал Енрико Телини, во кој меѓу другото можеме да прочитаме „кога ги прашував за етничката припадност дали се Бугари, сите одговараа дека се Македонци“. Оваа констатација на Енрико Телини ја потврдува и претставникот на бугарската амбасада во Истанбул, Тодор Марков. Споменатиот бугарски дипломат за состојбата во селата во кои се претендира дека има Бугари во Албанија, на 15 септември 1923 година го известил и Министерството за внатрешни работи на Бугарија

Од денешна перспектива, кога Бугарија директно или индиректно преку разни приватни фондации и организации се обидува да ги претстави Македонците во Албанија како дел од бугарскиот народ, постојат голем број историски документи во италијанските и албанските архиви што го тврдат токму спротивното. Во тој контекст особено се интересни извештаите на италијанскиот генерал Енрико Телини, претседател на Меѓународната комисија за утврдување на границите помеѓу Албанија, Кралството на СХС и Грција во 1923 година, во кои јасно се наведува дека населението во пограничните делови се изјаснувало како македонско, а не како бугарско.

Во светската историја, убиството на споменатиот италијанскиот генерал, кое се случило на 27 август 1923 година, останува запаметено како повод за дипломатската и воена криза помеѓу Италија и Грција во 1923 година, криза што кулминираше со окупација на островот Крф од страна на италијанската морнарица и армија. Италијанската окупација на споменатиот грчки остров претставуваше сигнал дека Друштвото на народите, тогашна меѓународна организација, не може да ги арбитрира проблемите помеѓу државите, особено на големите сили, поради што дојде до нарушување на меѓународниот поредок.

Но, она што е особено значајно за нас е податокот дека италијански генерал Телини како дел од делегација испратена од Друштвото на народите што имаше за цел да ја испита спорната граница меѓу Грција и Албанија, директно се запознал со населението што живеело во пограничните делови, вклучувајќи ги и Македонците.

Со оваа проблематика, особено со присуството на Македонците од Република Албанија во историските документи, денес интензивно се занимава Васил Стерјовски, лидерот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Меѓутоа пошироката македонска јавност не е запознаена и со фактот дека Васил Стерјовски по професија е историчар и долги години ги истражува архивите со намера да ја претстави историјата во вистинско светло, онаква каква што била, а не како што некој се обидува да ја претстави.

По повод 100-годишнината од атентатот на Енрико Телини, Васил Стерјовски објави неколку документи што произлегуваат од активностите на италијанскиот генерал, документи што јасно ги побиваат денешните бугарски квазиисториски тврдења. Документите што произлегуваат од активностите на генералот Енрико Телини се особено значајни затоа што тој на терен директно се запознал со локалното население, и тоа во својство на претседател на Меѓународната комисија за утврдување на границите помеѓу балканските држави.

Според Васил Стерјовски, по завршувањето на Првата светска војна продолжиле несогласувањата помеѓу балканските држави околу дефинирањето на државните граници. Имено, покрај дотогашната расправија меѓу Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и Грција се појавила и Бугарија. Бугарската држава пред Меѓународната демаркациона комисија се пожалила дека во 18 села што се наоѓале во Албанија околу областа на Преспанско Езеро и Охрид живее бугарско население.

– Задачата да ја утврди националноста на жителите во овие 18 села тогаш му била доверена на Италијанецот, генерал Енрико Телини. Тој бил именуван за претседател на Меѓународната комисија за утврдување на границите помеѓу Албанија, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и Грција – посочува Васил Стерјовски.

Откако го направил истражувањето во тие села, генералот Телини го известил високиот претставник на Италија во Истанбул дека во тие 18 села живее македонско население, а не бугарско, бидејќи „кога ги прашував за етничката припадност дали се Бугари, сите одговараа дека се Македонци“, напишал италијанскиот генерал во својот извештај.

Оваа констатација на Енрико Телини ја потврдува и претставникот на бугарската амбасада во Истанбул, Тодор Марков. Според истражувањата на Васил Стерјовски, споменатиот бугарски дипломат за состојбата во селата во кои се претендира дека има Бугари во Албанија, на 15 септември 1923 година го известил и Министерството за внатрешни работи на Бугарија.

Во извештајот до бугарското министерство меѓу другото можеме да прочитаме: „Офицерите на комисијата ги поминаа сите села по должината на границата и детално ги прашаа селаните каква е нивната националност. Не слушнале да одговорат дека се Бугари, туку од нив добивале одговор дека се Македонци“.

Извештаите на италијанскиот генерал Енрико Телини, како и извештајот на бугарскиот дипломат Тодор Марков до Министерството за внатрешни работи на Бугарија јасно потврдуваат дека пограничното население се изјаснувало како македонско, а не како бугарско. Овие релевантни историски документи целосно ги девалвираат денешните обиди на Бугарија да ги претстави Македонците од Албанија како Бугари.
Д.Ст