Силно светна уште еден роденденски 29 октомври. Традиционално ПСК „Х2О“, на чело со иницијаторката и планинарски водич Ирена Диков и екипа на „Нова Македонија“ роденденот на најстариот дневен весник беше прославен на чист воздух, со планинарски марш, во чест на партизаните што на раце ја носеле првата еднотонска печатарска машина „бостонка“ од Цветово до Горно Врановци, за да го испечатат првиот број на „Нова Македонија“ во 1944 година.
Роденденска планинарска тура на која присуствуваа околу седумдесетина планинари почна од родното село на „Нова Македонија“, Горно Врановци, до врвот Кале (2.112 метри надморска височина) на планината Јакупица.
Турата заврши со посета на музејот-печатница во селото и топло гравче подготвено од Првиот логистички баталјон од касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес.
Со нашиот планинарски марш уште еднаш успеавме да фрлиме светлина над минатото и непобитноста на првиот македонски дневен весник, архетипот на македонското новинарство.