По повод 100 години од смртта на Тодор Александров денеска беше одржана панихида во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ и откриен споменик во паркот, спроти Музејот на ВМРО во старата штипска населба Ново Село, каде што е роден. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов изјави дека на сто годишнината од смртта на Александров, а на иницијатива на патриотското здружение „Мише Развигор“ и со одлука на Совет на општина Штип, во штипско Ново Село е поставен споменикот кој што ќе го продолжува неговото дело.
– Сум сигурен дека целта на убиството пред 100 години била да згасне идејата за независна суверена Македонија, по 100 години го продолжуваме делото на Тодор Александров со поставување на ова спомен-обележје, но и идејата за Маекдонија. Нека му е вечна славата и борбата за Македонија нека продолжи – вели Јорданов.
Претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“, Александар Пандов истакна дека Александров е еден од најголемите Македонци.
– Еден од најголемите Македонци, а јас секогаш велам дека по Гоце Делчев или рамо до рамо со големиот Гоце Делчев е Тодор Александров. На 100 годишнината добива спомен-обелејжје тука во Ново Село. Срамота е што досега не сме го направиле ова, но да повторам,благодарност до градоначалникот Јорданов што сега го имаме Тодор Александров во Ново Село, во местото на неговото раѓање – изјави Пандов.
Игор Ефтимов од Здружението на почитувачи на историските личности од Ново Село во Штип истакна дека Александров е еден од најголемите водачи на историското ВМРО.
– Тој е човек кој, кога сите мислеле дека македонската идеја е умрена, успева да го обнови македонското прашање и кога сите мислеле дека Македонија треба да биде управувана од други, тој изјавува дека Македонија е само на Македонците и не може да биде управувана ниту од Срби, ниту од Бугари, ниту од Грци. Исто така денес одбележуваме и 30 години од поставување на спомен-обележјето на Тодор Александров во штипско Ново Село, но во таа чест денес се поставува и споменик на Тодор Александров во штипско Ново Село – рече Ефтимов.
На настанот учествуваа коњаници, граѓани од земјава, а настапи и групата „Некст тајм“.