Фото: МНРиНТ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оценува дека земјите членки на Европската Унија од групата „Пријатели на Западен Балкан“ имаат разбирање за позициите на Македонија и сметаат дека билатералните прашања не треба да бидат пречка на патот кон европското членство.

По учеството на министерскиот состанок во Атина, Муцунски во изјава за МИА истакна дека станува збор за група држави кои се принципиелни поддржувачи на проширувањето и активно работат на забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.

Тој изрази задоволство од оценките на грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, кој јавно го истакнал напредокот на Македонија во повеќе области, меѓу кои дигиталната трансформација, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и реформата на јавната администрација.

– Ме радува што министерот Герапетритис јавно го кажа тоа што и ние како Влада го кажуваме, дека имаме сериозен напредок на патот кон полноправното членство во Европската Унија – изјави Муцунски.

На билатералната средба со грчкиот колега, како што информираше, биле разгледани прашања од заеднички интерес, со акцент на инфраструктурното и енергетското поврзување, економската и трговската соработка, како и можностите за унапредување на политичките односи.

Отворено било и прашањето за проблемите со кои се соочуваат македонските транспортери, за што двете страни бараат заедничко решение.

Муцунски посочи дека разговорите се одвивале во позитивна атмосфера, но дека биле разгледани и предизвиците во билатералните односи.

– Зборувавме за предизвиците и за тоа како да најдеме решенија за нив во добра верба, имајќи предвид дека имаме многу повеќе работи што можат да нè обединат отколку она што може да нè подели – рече шефот на дипломатијата.

Во однос на европската перспектива на земјата и блокадата на евроинтегративниот процес, Муцунски нагласи дека нема сомнеж оти земјите од групата „Пријатели на Западен Балкан“ имаат разбирање за македонските позиции и јасен став дека билатерализацијата треба да престане.

Тој посочи дека во процесот на европска интеграција посебен фокус се става на владеењето на правото, доброто управување, борбата против корупцијата и усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.

Според Муцунски, овие области ќе бидат од особено значење и во преговарачкиот процес, поради што државата мора да продолжи со реформите и да ги исполнува европските стандарди.