Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија, друштво „Преспа“ информираше дека продолжува обединувањето на Македонците во оваа земја.
Прогласот на друштвото за семакедонско помирување и обединување, објавен неодамна, го потпиша и Бесник Хасани, претседател на македонското друштво МОСТ од Голо Брдо.
– Нам Македонците не ни се потребни поделби, туку единство, кое не прави посилни во битката за остварување на нашите легитимни права и зачувувањето на македонскиот идентитет, култура, јазик – изјави за МИА, Едмонд Темелко, претседател на друштвото „Преспа“.
Пред два дена прогласот го потпиша Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
Од друштвото „Преспа“ се убедени дека истото ќе го сторат и другите македонски друштва.
Во Албанија, покрај овие асоцијации на Македонците, во судскиот регистар се запишани и активни се и друштвата „Сонце„ и „Прегор“.
Темелко потсетува дека прогласат го упатиле „соочени со агресијата на бугарската асимилација на Македонците во Албанија и свесни за последиците од антимакедонизмот на Софија во Албанија“.
Исто така, непризнавајќи ги „фалсификуваните и манипулирани резултати од пописот“, се изразува подготвеност сами да организираат неформален попис на Македонците во Албанија, поради „недовербата во Институтот за статистика на Албанија“.