Фото: „Нова Македонија“

Министерството за нaдворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува заканите упатени на социјалните мрежи кон македонскиот новинар  Александар Видиновски од страна на лицето Виктор Стојанов за репортажа објавена на телевизијата Канал 5.

-Секоја форма на притисок, закани или вербални напади врз новинарите и медиумските работници претставува и закана за слободното изразување и слободата на медиумите, и лесно може да ја загрози работата на новинарите која е од јавен интерес – стои во соопштението.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за овој случај веќе сигнализираше кај бугарските колеги преку механизмот за борба против говор на омраза воспоставен согласно Договорт за пријателство, добрососедство и соработка со цел негово евидентирања и соодветно постапување од страна на надлежните органи.

Претходно и ЗНМ и ССНМ ги осудија директните закани кон Видиновски и побараа од надлежните институции да постапат по очигледната закана по безбедноста на новинарот.

Конкретно, под објавата на својот фејсбук профил на репортажа од Мала Преспа, Република Албанија за положбата на Македонците и резултатите од пописот, новинарот Видиновски доби сериозни закани од лицето Виктор Стојанов кое има забрана за влез во Македонија на неопределено време поради дејствија насочени против македонската држава. Тој го обвини Видиновски дека лажел и му се закани со притворање.