Преку преминот „Делчево/Станке Лисичково“ на границата кон Бугарија од синоќа во 19 часот до утрово до 7 часот во земјава влегле само двајца граѓани. Како што соопшти Регионалниот центар за гранични работи – Исток, на овој граничен премин не се забележани поголеми групи граѓани од Бугарија кои би присуствувале на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев, потенцирајќи дека од 6 до 8 часот утрово ниту еден бугарски државјанин не ја поминал границата, известува МИА.
Во моментот како што информира дописникот на МИА, само две возила со бугарски регистарски таблички во кои се наоѓаат државјани на Бугарија чекаат за влез во земјава.
– Тргнати сме за Делчево, имам закажано на заболекар, не ме интересира тоа за Гоце Делчев, тргнат сум по работа – вели еден од анкетираните.
– Ние сме Бугари, ама преку ден сме во Македонија, скоро 20 години поминавме тука, си земаме јадење. На граница слободно минуваме без проблем, а тоа другото е политичка работа, ние сме тргнати да завршиме работа – вели друг граѓанин на Бугарија.
Во Делчево за денеска во 10 часот е најавено положување цвеќе пред споменикот на патронот Гоце Делчев, каде од претходно од Општина Делчево најавија дека не се најавени гости од други држави.
Полицијата врши контрола на секое возило со бугарски регистарски таблички на патарината кај Куманово во очекување на поголема група од 150 Бугари кои утрово тргнаа од Софија кон Скопје за да му се поклонат на македонскиот револуционер Гоце Делчев, објавува „Макфакс“.
Засилени полициски контроли со неколку возила и комбиња стојат на сите наплатни места откако на социјалните мрежи граѓаните најавија дека ќе ги блокираат патарините за да не поминат бугарските државјани, а од МВР вршат контроли засега само на бугарските возила.
– Цело утро се сопираат патници во возила со бугарски таблички. Поминаа само две комбиња со бугарски таблички, но беа придружувани од две полициски возила. Немаме најави дека ќе има блокади, засега е мирно – велат од патарината во Романовце.
Околу 150 Бугари утрово во 6.30 часот тргнаа во колона со автомобили, наместо со автобуси како што беше најавено претходно.
– Од Бугарија ќе има околу 150 бугарски граѓани кои ќе присуствуваат на чествувањето. Јас и луѓето кои ќе пристигнат во Македонија, го признаваме македонскиот народ и сакаме заеднички чествувања за Гоце Делчев затоа што е наш заеднички херој. Без навреди и тензии – изјави Виктор Стојанов.
Засилена контрола на граничниот премин Деве Баир, нема организирани групи за влез во државата
На граничниот премин кон Бугарија, „Деве Баир“, од утрово има засилена полициска и гранична контрола, но протокот на патници за влез во државата е речиси минимален.
На граничниот премин кон Бугарија, „Деве Баир“, од утрово има засилена полициска и гранична контрола, но протокот на патници за влез во државата е речиси минимален.
Од Министерството за внатрешни работи – Регионален центар за гранични работи „Исток“, информираат дека нема никакви организирани групи бугарски државјани кои досега ја минале границата, по повод чествувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев.
Од утрово од 7 часот досега во државата влегоа само дваесетина странски туристи кои транзитираат низ Македонија и тоа со организиран меѓународен автобуски транспорт, додека пак, други лица сѐ уште не влегоа во државата низ овој граничен премин.
Фреквенцијата на патници кои излегуваат од државата е нешто поголема, но вообичаена кога станува збор за викенд патувања.
Претежно минуваат возила од Скопје и останатите градови во земјава кои се упатуваат кон зимските туристички центри во Бугарија, а регуларен е и протокот на патнички товарни возила.
На граничниот премин Ново Село нема поголема фреквенција на возила и патници
Од утрово од 6 часот граничниот премин Ново Село, на македонско-бугарската граница, го преминаа 10-ина автомобили, најголем дел од нив се упатуваат кон Струмица каде денеска е пазарен ден и в
Од утрово од 6 часот граничниот премин Ново Село, на македонско-бугарската граница, го преминаа 10-ина автомобили, најголем дел од нив се упатуваат кон Струмица каде денеска е пазарен ден и во блиските населени места до границата.
Според евиденцијата од ГП Ново Село, синоќа до 24 часот границата ја преминале вкупно 593 патници, од кои 327 се странци, а 266 домашни.
На преминот е забележливо засилено полициско обезбедување, а сите возила кои влегуваат се евидентираат и се претресуваат.
Според изјавите на бугарски граѓани, денешниот ден го искористиле за посета на пазарот во Струмица, а некои пак одеа и по стоматолошки услуги.
– Одам во Струмица на стоматолог, бидејќи имам закажано. Имам поголема рана во устата и денес треба да одам на интервенција – рече бугарска државјанка од Петрич.
Други двајца Бугари на прашањето дали ќе одат за Скопје и каков е нивниот став за одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев, изјавија дека нив тоа не ги интересира, дека тие се земјоделци и дека во Струмица доаѓаат по работа.
Инаку, до 9.30 часот нема поголема фреквенција на моторни возила и патници, а пограничните служби велат дека така ќе остане и до крајот на денот.