Фото: МИА

Владеачкото мнозинство е сосема свесно дека немаат две третини за да го испорачаат тоа што сами без национален консенуз лековерно го прифатиле како обврска за наметнати уставни измени по барање од Бугарија. Ова го посочи пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонијо Милошоски по средбата во Собранието со министрите за европски прашања од Полска, Германија и Франција.

-Од ВМРО ДПМНЕ беше кажано „да“ за Европска унија, но не за уцени од страна на Бугарија кои што не нудат никаква извесност дека процесот на евроинтеграции нема повторно и повторно да биде блокиран заради ирационални прашања кои што Бугарија очигледно се уште ги има кон Македонија – посочи Милошоски.

Тој посочи и дека Германија не барала изговори да ја блокира Полска по втор, трет или петти пат и да и постави вето туку барала причини како земјата поскоро да стане член на ЕУ.

-Разликата во регионот е што земјите членки на ЕУ во регионот, во случајот Бугарија и Грција, кон некоја од земјите во регионот бараат начин и изговори како одредени недоразбирања да станат пречка или изговор за вето и за бликирање на процесот на евроинтеграции – додаде Милошоски.