Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека е потребна и кривична и политичка одговорност во врска со случајот на Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање на цитостатици. Тој потенцираше дека од Владата треба веднаш да си дадат неотповиклива оставка и да се излезе на брзи парламентарни избори.
-Како човек сум згрозен од тоа што се случува. Сведоци сме на едно криминално-монструозно-мафијашко здружување на неколкумина медицински лица блиски до партиите на власт. Она што згрозува е за да се богатат, за да остварат лична добивка, лековите кои наместо да им бидат дадени на оние на кои им се најпотребни и кои што умираат во болки, тие ги препродавале и пациентите ги оставале на милост и немилост. Тие практично се здружиле за да направат злосторство врз човештвото. На секој човек ова му предизвикува голема мачнина, но ние како ВМРО-ДПМНЕ уште пред две години алармиравме дека ова се случува на таа Клиника – изјави Мицкоски во одговор на прашање, кој денеска беше во посета на Виница.
Тој потенцираше дека Ковачевски треба да одговори зошто системот со кој што се следеле лековите не функционира.
-Кој е тој кој што наредил тој систем наместо да биде функционален, да биде ставен во подрум. Зошто оние кои што ќе платат добиваат соодветен медицински третман, а оние кои што за жал не можат да платат, оставени се на милост и немилост и во тешка болка и мака да умираат. Наскоро ќе ги добиеме тие одговори како идна влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Никогаш како човек не сум ги политизирал овие работи бидејќи станува збор за човечки судбини и мака која што семејствата ја доживуваат, но не можам да не ве потсетам за кампањи кои во минатото ги правеше СДСМ при што беа злоупотребувани човчеките судбини – додаде Мицкоски.