Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

Средба силна колку Горде, напиша лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на неговиот Фејсбук-профил под фотографијата на која е со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Од објавата на Мицкоски нејасно е кога и каде е направена фотографијата со ексминистерката. Дел од медиумите објавија дека Јанкулоска е на одмор од издржување на казната во затворот „Идризово“, а фотографијата со лидерот на опозициската партија е направена во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешната министерка ја издржува четиригодишната затворска казна од септември 2020 година откако беше правосилно осудена во случајот „Тенк“ за набавката на владиниот луксузен „мерцедес“. Во истиот случај е осуден и експремиерот Никола Груевски, кој избега во Унгарија.

Зедничката фотографија со Јанкулоска доаѓа во момент кога во фокусот на јавноста е вербалната „војна“ со обвинувања, прашања, одговори и Фејсбук-преписки помеѓу актуелниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Никола Груевски.

Почна откако Мицкоски, кој во изјава за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) го обвини својот претходник Груевски оти е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени. На ова, Груевски веднаш преку својот Фејсбук-профил објави реакција и побара од Мицкоски да изнесе докази дека тајно комуницирал со Владата за уставните измени.