Фото: Ка.М.

ВМРО-ДПМНЕ деновиве ќе се консултира со коалициските партии и со раководството и пратеничката група за став дали ќе присуствува на лидерска средба што за понеделник ја организира премиерот Димитар Ковачевски, соопшти претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски, додавајќи дека сè уште не добил покана и не го знае планот за средбата.

-Немам покана за лидерска средба. Не знам што е планот. Ќе се консултираме со раководството на партијата, коалиционите партнери и со пратеничката група и ќе изградиме став дали ќе одиме, или нема, и зошто. Добро е таму да се разговара за актуелните проблеми – беспарицата, високите цени, инфлацијата, криминалот и корупцијата, енергетската состојба… Тоа е она што ги мачи граѓаните, а не за уставни измени за кои им текнало на Ковачевски и мала група околу него за да си ги спасуваат политичките кариери – изјави Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ во Прилеп.

Според него граѓаните денес, во целата земја, ги мачи зошто млекото и лебот имаат двапати повисока цена, зашто на кашкавалот е двојно поголема цената, зошто струјата е поскапа за 20 проценти.
-Ние како политичари треба да наоѓаме решенија за овие проблеми, а не да зборуваме за нешто што не споменува никој. Ако мисли дека ВМРО ДПМНЕ ќе го промени ставот – нема. Ставот е тој. Вакви консултации широки требаше да има пред пет шест месеци кога ја распородаваше Македонија. Сега е доцна. Сега треба да зборуваме за ако нема мнозинство, за дата за предвремени избори, тоа е одговорно. Да се фокусираме на реалните проблеми на граѓаните. За тоа сум подготвен да го разговараме – посочи Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање за „неговото контунирано следење“ Мицкоски посочи – нека не следат нема што да криеме.
– Тие така одлучиле да ја практикуваат политиката. Единствен политичар сум кој нема обезбедување од државата, иако сум лидер на голема политичка партија, иако барањето е доставено пред две години. Немам овластени лица да ме штитат, и покрај тоа што сум предмет на закани, немам тоа што ми следува по закон. Сега и да ми дадат не сакам, ќе го одбијам, им доаѓа крајот – истакна Мицкоски од Прилеп.

Ка.М.