За нас како малоброен народ е важно на овој собир да ги донесеме најзначајните одлуки кои што ќе моделираат иднината на човештвото во следните декади, за што и ние ќе го дадеме својот придонес, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во изјавата пред почетокот на работниот дел од вториот ден на Самитот на НАТО во Вашингтон.
– Како држава сме подготвени да го додадеме својот придонес на сето она што претставува вредност. Тука сме заедно со нашите сојузници за да ја потврдиме нашата посветеност, како и досега, така и во иднина, дека ќе го промовираме мирот, стабилноста и владеењето на меѓународното право – истакна Мицкоски.
Премиерот посочи дека „македонската Влада сака да бидеме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарски дух на македонскиот народ и на македонските граѓани“.
– Остануваме посветени на исполнување на обврските, односно минимум два проценти од БДП да бидат инвестирани во модернизација на нашата Армија, нешто коешто е многу важно, затоа што само на тој начин ќе ги следиме современите чекори и ќе ја следиме најголемата светска одбранбена алијанса што некогаш постоела – додаде Мицкоски.
Тој изрази и задоволство што заедно со останатите лидери на земјите членки на НАТО присуствува на ова одбележувањето на 75-годишнината од формирањето на како што рече, најголемата одбранбена алијанса во светската историја.
Мицкоски на Самитот на НАТО во Вашингтон ја предводи македонската делегација во чиј состав се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски.