Илустрација / Фото: МОН / Архива

Матуранти, во група на апликацијата Вибер си ги разменувале одговорите на матурскиот тест по англиски јазик. По ваквите информации во јавноста со коментар се огласи Државниот испитен центар. Оттаму велат дека тестовите не биле пробиени, туку прашањата биле споделени откога испитот започнал.

„Тестот не е пробиен, туку споделен“, велат од испитниот центар образложувајќи дека тестирањето почнало во 10 часот, а потоа во рамките на Вибер-групите од страна на членовите биле објавувани прашањата кога почнала реализацијата на испитот.

Најавуваат дека ќе постапат согласно законските надлежности со сите матуранти што ги нарушиле правилата.

Денеска се полага вториот екстерен испит, а според податоците на Државниот испитен центар, како и во минатите години најмногу пријавени (13.922) има за испитот по Англиски јазик.