Со масовен настан за крводарување, по повод Светскиот ден на крводарителството – 14 јуни – „Алкалоид“ ја продолжува петдецениската традиција за организирање крводарителски акции со вработените во компанијата.
Под мотото „Дарувај крв, спаси живот“, 130 алкалоидовци изразија волја за крводарување во рамките на колективната акција, која се одржа во Центарот за едукација и за обуки на „Алкалоид“, во соработка со Црвениот крст и со Институтот за трансфузиона медицина. Компанијата е особено горда на своите традиционални крводарители, кои во својот животен и работен век реализирале повеќекратни крводарувања.
„Крводарителството е исклучиво доброволна акција, која некому му значи живот. Со само едно дарувано ќесе крв од 450 мл, постапка што трае десетина минути, може да се спасат од три до четири човечки животи. Јас сум крводарител од 18 години и имам дарувано над 50 пати“, истакна Роберт Новески, вработен во „Алкалоид“, со реализирани 53 крводарувања.
Генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, за време на крводарителската акција упати благодарност до сите генерации алкалоидовци, кои преку овој голем чин на хуманост оставиле траен придонес во развојот на македонското крводарителство.
На настанот имаше крводарители од помладата генерација вработени што првпат даруваат крв, кои допрва ќе го промовираат ваквиот чин на солидарност во компаниските редови.
„За време на ова мое прво крводарување се чувствувам навистина исполнето. Се одлучив на овој хуман чекор водена од чувството дека ќе му помогнам некому“, истакна Елена Казанџиевска, вработена во „Алкалоид“.
Крводарителството е доброволен чин и индивидуален одраз на хуманост и на солидарност. Крводарител може да биде секое лице на возраст од 18 до 65 години со добра општа здравствена состојба. Според критериумите за крводарување, мажите може да даруваат крв на секои три, а жените на секои четири месеци. Едно крводарување може да спаси од три до четири човечки животи.
Во насока на уште поголема афирмација на доброволното крводарителство и во знак на изразување почит и благодарност спрема големиот број крводарители од своите редови, компанијата креираше посебен визуелен идентитет – лого на Друштвото на крводарители.
Со негување на традицијата на компаниски крводарителски акции, „Алкалоид“ ги потврдува својата заложба и посветеноста за унапредување на корпоративната општествена одговорност.