Фото: Илустрација/Маја Јаневска-Илиева

Државното знаме на Македонија се најде во групата на „забранетите” знамиња на  тенискиот гранслем-турнир Австралија опен, меѓу кои се руското, белоруското, палестинското и израелското, објави австралиското радио СБС на македонски јазик.

Во прилог на тврдењата прикажана е фотографија на која македонското знаме се наоѓа на лист хартија прикачен на камера на снимател на Австралија опен, на арената „КИА“ во Мелбурн, заедно со неколку други знамиња за кои претходно беше објавено дека се забранети на турнирот. Информацијата ја споделува и македонската заедница во Австралија на социјалните мрежи, со што многумина изразуваат гнев, но и неверување.

Една недела претходно, извршниот директор на Австралија опен, Крег Тајли, објави дека гледачите на овогодинешниот гранслем во Мелбурн ќе бидат спречени да ги истакнуваат палестинските и израелските знамиња, според правилата кои им дозволуваат да носат знамиња само на навивачите што ги претставуваат играчите кои се натпреваруваат на годинешниот турнир.

Во 2022 година, Австралија опен објави категорична забрана на руски и белоруски знамиња, поради војната во Украина.

Македонија, годинава во Мелбурн, ја претставуваше Лина Ѓорческа, која загуби од Катаржина Кава од Полска со 1-2 во сетови во првото коло во квалификациите, и не обезбеди пласман на главниот турнир.

Редакцијата на „СБС на македонски” ги исконтактирала организаторите на Австралија опен за коментар, но до објавувањето на текстот не добиле одговор дали македонското државно знаме е издвоено на „црната листа”, со што нема официјална потврда за оваа информација.


Левица: Зошто македонското знаме е забрането за пренос на Aвстралија опен и зошто нема реакција од македонските власти?

Опозициската партија Левица јавно апелираше по повод укажувањата за забрана за македонското знаме на тенискиот гранслем-турнир во Мелбурн и побара реакција од македонските власти.

– Македонската заедница во Австралија алармираше дека македонското знаме е забрането за пренос преку камерите на тенискиот турнир Австралија опен, покрај знамињата на Палестина, Израел, Русија, Белорусија и Тајван кои исто така се забранети! Зошто се уште нема реакција од нашето МНР и нашите амбасадори?
На овој престижен натпревар настапува и нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа, па сепак, македонското знаме е цензурирано од страна на организаторот поради непознати причини! Иако официјално никаде не е забрането нашето знаме на овој турнир, сепак дадени се инструкции на камерманите воопшто да не го прикажуваат – се наведува во соопштението од Левица.