Со 168 гласа „за“, Македонија денес стана нова членка на Советот за човекови права на Обединетите Нации за периодот 2025-2027, на изборот што се одржаа во Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Во својата објава на социјалните мрежи, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски нагласи дека една од главните цели по овој дипломатски успех ќе биде активното учество во Советот, придонесувајќи за глобална промоција на човековите права и подобрување на ситуацијата ширум светот, што е основа и на нашата кандидатура за членство.
Во најновиот Национален извештај за Универзалниот периодичен преглед презентиран пред Советот за човекови права во Женева, нашата земја е високо на листата на земји што ги почитуваат и гарантираат човековите права и оценета како квалификуван кандидат што ги исполни неопходните услови за да биде дел од работата на ова меѓународно тело.
– Поддршката од земјите членки на ОН за овој избор е признание за нашите досегашни придонеси како држава која е посветена на заштитата и промоцијата на човековите права и слободи. По овој значаен дипломатски успех, нашиот приоритет ќе биде активно учество во работата на Советот, каде што ќе придонесеме за глобалната промоција и подобрување на состојбата со човековите права ширум светот. Ова е во согласност со обврските и заложбите кои ги истакнавме при нашата кандидатура за членство – пишува во објавата министерот Муцунски.
Македонија по вторпат е избрана за членка на Советот за човекови права, откако претходно членуваше во периодот 2014-2016.