Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ изразува силно разочарување, незадоволство и загриженост поради непочитувањето на македонскиот јазик во јавни активности во Општина Пустец.
– Активноста организирана, вчера од Национална агенција за заштитени подрачја во Општина Пустец, при одбележувањето на 24-годишнината од основањето на Националниот парк „Преспа”, каде што информациите и банерот беа претставени единствено на албански јазик, претставува непочитување на јазичните права на македонското население во оваа област – стои во партиската реакцијата.
Исто така се наведува дека Општина Пустец е населена со 100 отсто македонско население, кое што е признато од албанската држава и каде што македонскиот јазик е еднакво признаен и треба да се користи во службени и јавни контексти.
Според партијата, игнорирањето на македонскиот јазик во официјалните активности, особено во регион каде што македонското население претставува апсолутно мнозинство, е директно кршење на нивните законски и уставно заштитени права.
– Во согласност со Уставот на Република Албанија, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и законот бр. 96/2017 “За заштита на правата на националните малцинства во Република Албанија”, бараме од сите институции и организации кои работат на територијата на Општина Пустец да го почитуваат, промовираат и употребуваат македонскиот јазик – се посочува во реакцијата.
МАЕИ со барање и очекувања од локалната власт на Општина Пустец.
– Очекуваме од Општина Пустец да ги спроведе потребните мерки за да гарантира дека сите активности на нејзината територија ги отсликуваат јазичните права и културните особености на македонската заедница, во согласност со потпишаниот Меморандум за разбирање од 2005 година. Со овој Меморандумот потпишан помеѓу префектурата Корча и општина Пустец „За соработка на полето на заштитата и почитувањето на правата на малцинствата во Албанија“, во ноември 2005 година, општина Пустец се обврзува да создаде соодветни услови, да преземе мерки за зачувување и развој на националниот културен и верски идентитет на македонското малцинство, преку развој на различни активности поврзани со историјата, културата на македонското национално малцинство во Општина Пустец, округот Корча итн – нагласува партијата.
Во името на културната и јазичната разноликост, апелира за итно и одлучно дејствување со цел да се заштитат и почитуваат правата на македонската заедница во Општина Пустец, кои се темел на демократските вредности и европската интеграција на овој регион.