Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков информира дека се направени паралелни програми, една за култура и една за туризам, во која единственото важно што ги спојува овие два битни ресори е развивањето на културниот туризам.
Како што изјави Љутков во тема на денот во дневникот на Сител телевизија, според статистиката во економијата најмногу средства има од развивањето на културниот туризам.
– Имаме законски рок од пет месеци да ги споиме овие два ресори, уште сме во изработка на нова систематизација и верувам дека некаде во ноември пред да се подготвува буџетот за 2025 година ќе бидеме готови. Сега формиравме неколку тима, кои ќе работат на интегрирање на овие два ресори. Веројатно малку покасно ќе одговорам кои ќе бидат правците на ова министерство – рече министерот Љутков.
Во врска со Агенцијата за филм, министерот информира дека засега оваа Агенција должи два милиони евра, а мојата претпоставка е, подвлече, сега кога ќе завршат ревизиите, должи некаде околу 11 милиони евра. Љутков најави дека ќе најдат начин да има повеќе средства, затоа што до 2017 година имало 7-8 милиони евра, а сега има само 2,5 милиони ева. Не само за филм, туку, најави, ќе ја обновиме и постапката за добивање средства и за телевизиски серии.
Министерот Љутков информира дека ако нема ребаланс, нема да има ни плати. Додаде дека со ребалансот бараат плати до Нова Година. Вели дека дека постои Колективен договор што е потпишан во 2019 година и тој треба да се почитува додека е на сила.
– Ако се покачи минималната плата во март месец, ќе се покачат и платите на вработените во националните установи. Проблемот е што овие колективни договори се правеле парцијално во различни институции и во различни сектори. Не е направен систем за вработените во јавната администрација. Сега се направени парцијални решенија со колективните договори и направен е дисбаланс. Некаде се високи, некаде се ниски платите, дури имаме и различни плати во министерствата каде во едно министерство вработените земаат 30 проценити повеќе, а во друго 30 проценти помалку, а ја вршат истата функција – истакна министерот за култура, додавајќи оти треба да се изнајде начин како да се изедначат и другите со колективните договори и тоа, како што потенцира, ќе биде голем предизвик за Владата во наредниот период.
На прашањето што подразбира неговата идеја еден денар од акцизата на нафтените деривати да оди за културата, појасни дека предлага три денари од акцизата за нафтеите деривати, да не одат директно во Буџетот на Владата, туку директно еден денар да оди за спорт, еден денар култура и еден денар за образование.
– Денарот ќе оди директно во култура, што значи дека ние во 2025 нема да бараме во новиот буџет дополните средства во културата, туку тој денар ќе значи 750 милиони денари на годишно ниво, а тоа се некаде 15-16 милиони евра, ако не се лажам и тоа ќе бидат дополнителни средства. Тогаш ќе има буџет и ќе се трошат за програми и за капитални инвестиции, а не за плати. Ние сега немаме прозводство и не сме продуктивни и тоа сакаше да го каже министерката, а за тоа не се виновни уметниците и вработените, туку некој не им обезбедил доволно средства за програми, рече меѓу другото министерот за култура и туризам – Зоран Љутков.