Министерството за дигитална трансформација денеска официјално ја лансираше мобилната апликација „м.Услуги“, која овозможува мобилен пристап до дигиталните јавни услуги и електронските документи на граѓаните, пренесе МИА.
Апликацијата беше претставена од министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на настан во Македонската филхармонија, на кој присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, претставници на институциите, Европската Унија, дипломатскиот кор, академската и деловната заедница, како и медиумите.
Андоновски истакна дека целта на проектот не е само воведување нова технологија, туку поедноставување на пристапот до државните услуги и намалување на административните обврски за граѓаните.
-Предолго државата за многу луѓе беше шалтер, работно време, документ што недостига и податок што државата веќе го има, но повторно бара од граѓанинот да ѝ го донесе. Со „м.Услуги“ почнуваме да го менуваме токму тој однос – рече Андоновски.
Идејата за апликацијата започнала во 2024 година, по посетата на министерот на самитот „Дија“ во Цирих, каде што се запознал со украинскиот модел за дигитални услуги „Дија“. Концептот потоа бил развиен во рамките на европскиот проект „ГовТек4Ол“, преку програмата „Дигитална Европа“.
„м.Услуги“ е замислена како единствен мобилен пристап до дигиталната држава, со дигитален идентитет, електронски документи, јавни услуги и известувања на едно место. Во следните фази се планира и воведување интегрирани плаќања.
Апликацијата е бесплатна, а нејзиното користење е доброволно. Таа претставува дополнителен канал за пристап до јавните услуги и електронските документи, без да ги укинува постојните начини на комуникација со институциите.
За време на презентацијата, Андоновски ја активираше апликацијата и ја додаде својата електронска лична карта во дигиталниот паричник. Тој појасни дека станува збор за електронска верзија на документот, а не за фотографија или документ во ПДФ-формат.
Една од демонстрираните функционалности е можноста за селективно споделување лични податоци. Така, кога е потребно да се потврди полнолетство, корисникот може да ја сподели само таа информација, без да ги открива адресата, бројот на документот и другите лични податоци.
Покрај дигиталните документи, апликацијата овозможува и пристап до првите електронски услуги. Андоновски нагласи дека целта е административните постапки суштински да се поедноставуваат, наместо постојните процедури само да се префрлат во дигитална форма.
-Ако една постапка денес има седум непотребни чекори, успехот не е да направиме седум дигитални чекори. Треба да утврдиме кои од нив можат целосно да исчезнат, кои податоци државата веќе ги има и што институциите можат безбедно да разменуваат меѓу себе – истакна министерот.
Тој посочи дека апликацијата е почеток на процес што ќе продолжи да се развива. Во следните фази се планираат интегрирани плаќања, можност за користење фотографии во постапките каде што тоа е потребно, воведување нови електронски документи, како изводи, уверенија и дипломи, како и проширување на бројот на достапни услуги.
Андоновски ги повика институциите да се вклучат со нови услуги и да ги поврзуваат своите системи, а граѓаните и медиумите да ја тестираат апликацијата, да ги пријавуваат недостатоците и да предлагаат подобрувања.
Тој се заблагодари на тимот на Министерството за дигитална трансформација, развојните и партнерските тимови, институциите вклучени во интеграцијата на системите, како и на меѓународните партнери. Посебна благодарност упати до Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски за соработката во поврзувањето на системите и овозможувањето на првите електронски документи.
Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија преку програмата „Дигитална Европа“.
Според Андоновски, успехот на „м.Услуги“ нема да се оценува само според бројот на преземања, туку и според времето што ќе им го заштеди на граѓаните, бројот на отстранети административни чекори и бројот на услуги што ќе можат целосно да се завршат дигитално.































