Фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија Жозеп Борел вечерва во Брисел одржаа средба на која ја истакнаа потребата за брзо делување и за остварување на стратешкиот интерес и придобивка на ЕУ од проширувањето со Македонија и другите земји од Западен Балкан како приоритет за европската безбедност.

Во таа насока, како што информираа од Кабинетот на Ковачевски, било истакнато дека е време за изнаоѓање на достоинствено европско решение за деблокирање на почетокот на пристапните преговори за Северна Македонија.

Премиерот на средбата изразил благодарност за ангажманот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија, Жозеп Борел, за неговата континуирана и цврста поддршка за Република Македонија.

За време на разговорот било нагласено дека Владата останува посветена на реформите и нивната имплементација во борбата против корупцијата, владеењето на правото, дигитализацијата и зелената агенда.

Ковачевски, во рамки на работната посета на Брисел, претходно оствари средба со белгискиот премиер Алексаданр Де Кро со кого, како што соопшти владината прес-служба, се согласиле дека е неопходно брзо изнаоѓање на решение меѓу Македонија и Бугарија за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ како стратешка одлука за Брисел од аспект на безбедносните ризици предизвикани од војната во Украина.
Двајцата премиери изразиле задоволство од блиските и пријателски односи меѓу Македонија и Кралството Белгија, засновани на взаемна доверба и заедничка визија за слободна и демократска Европа.