По 15 години
Нова позитивна листа на лекови и нов закон за лекови најави министерот за здравство, Арбен Таравари. Ревидирање на листата на лекови кои се на товар на државата, министерот Таравари смета дека треба да се прави еднаш годишно.
-Јас чекам само директорот на Фондот да се назначи, затоа кажав за две недели и веднаш, по 15 години, ќе излеземе со нова позитивна листа, која повремено ќе биде ажурирана. Мислам дека таа листа треба да се обновува секоја година, меѓутоа ќе излеземе и со нов закон за лекови, со кој ќе обезбедиме квалитетни лекови во државата, но истовремено ќе побараме и рационално користење и припишување на лековите. Ни треба период со експертите, можеби и со претставници од сите поголеми политички партии, здравствени комисии, да седнеме да направиме еден закон што ќе биде одржлив и прифатлив за сите во периодот, да речеме, за следните десет години – вели министерот Таравари.
Целта на измените ќе биде секоја болница во секое време да ги има потребните лекови, но нагласи дека особено ќе внимаваат на злоупотреби на лековите за што смета дека решение е дигитализацијата.
-Ни се случи Онкологија. Јас не би сакал да размислувам или да верувам дека има многу онкологии во Македонија, така што ќе треба интензивно да работиме и на дигитализација на здравството. Евентуално да се стават кодови во лековите за да имаме комплетна контрола и да има заеднички информатички систем за приватните и за државните јавни установи, стоматолошките, фармацевтските, а тука ги вклучувам и лабораториите, комплетно сè да биде дигитализирано и под контрола – вели министерот Таравари.
Менување на позитивната листа на лекови најавуваа и сите негови претходници, но измени не се направија.