Кипарската мисија за помош на Северна Македонија во справување со шумските пожари е завршена, оставајќи ги најдобрите впечатоци за нејзината оперативна острина и се враќа на Кипар, изјави директорот на секторот за шумарство при Министерство за земјоделство, рурален развој и животна средина на Република Кипар Савас Иезекил за кипарската новинска агенција КИПЕ, јави дописничката на МИА од Атина.
Два авиони од типот „Air Tractor“ со четворица членови на екипажот и пет лица за копнена поддршка од Република Кипар минатата седмица пристигнаа во Скопје, во рамките на помошта од ЕУ механизмот за цивилна заштита, а во изминатите денови помагаа во гаснењето на пожарите на различни локации во нашата земја.
Директорот на надлежниот сектор ја карактеризираше мисијата како многу успешна истакнувајќи дека „ги подобривме системите и ѝ помогнавме на Република Северна Македонија за време на петте дена побарани од ЕУ и денеска (14 август) попладне се враќаат во Кипар заедно со екипажот“.
– Пет дена интервенираа во различни области, изгаснаа доста огнени фронтови – истакна Иезекил за кипарската новинска агенција.
Во однос на тоа дали пожарите во Северна Македонија се изгаснати, објасни дека сè уште има, „бидејќи избувнаа во букова и дабова шума каде гаснењето е многу тешко и бара многу копнени сили, а не воздушни средства“.
Од секторот за шумарство при Министерство за земјоделство, рурален развој и животна средина на Република Кипар на социјалните мрежи вчера објавија фотографии од интервенциите на кипарските авиони во Општина Пехчево и во Рабетино.
Конкретните авиони од типот „Air Tractor“ се опремени со соодветна опрема за гаснење и употреба на пена, како и со соодветна телекомуникациска опрема за комуникација со Единицата за воздушни средства во Ларнака и за пренос на информации и фотографски материјал.
Од средината на јуни 2024 година двата авиони се дел од механизмот rescEU и мисијата во нашата земја, беше прва нивна мисија.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, утрово ги испрати пилотите и останатиот воздухопловен персонал на двата ПП авиони „Ер трактор“ од Кипар, информираа од ЦУК.
Како што наведуваат во соопштението, според техничките можности на воздухопловите и персоналот, двата „Ер трактор“ авиони го дадоа својот максимум во справувањето со пожарите во земјава.
Ангелов искажа голема благодарност за помошта до нив лично и до нивната држава.