И во средината на мај цените на кичевскиот зелен пазар за голем дел од производите уште се високи и недостапни за посиромашни граѓани.
Така доматот денес се продаваше по цена од 100 денари, краставиците по 50 денари, нешто пониски од претходните пазари, пиперките се нудеа по 150 денари за килограм, спанаќот се продаваше по 50 денари, додека кромидот е нешто поевтин и чини 60 денари за килограм, но продавачите велат дека се очекува негово поскапување. Младиот кромид и лук цела пролет се продаваа по иста цена од 80 денари за килограм, како и компирот кој чини 40 денари за килограм.
-Сегашните цени се незначително променети или исти како во рана пролет кога уште не е вистинската сезона на зеленчукот. За да се снабдиш со доволни количини за цела седмица потребни се барем 1.000 денари. Ако пазарот е толку скап, тогаш што ќе остане за останатите намирници и сметки. Чудно е што на пазарот нема ценкање,туку тезгаџиите ти ја кажуваат цената а ти одлучи сам – вели Коста Наумоски, редовен посетител на зелениот пазар.
Денес посетата на пазарот беше поголема од претходно, а тоа придонесе повеќето тезгаџии за покус период за продадат поголемиот дел од стоката со која располагаа.
-Овој пазар е специфичен по тоа што покрај посиромашните купувачи, има и такви кои работат во странство или имаат странски пензии и кои пазарат колку што сметаат дека им е доволно, без да мислат колку тоа ќе ги чини. Има и такви кои имаат помали приходи и кои пазарат во помали количини и селективно – вели продавачот Ацо, кој е редовно присутен на кичевскиот зелен пазар.